Почна проценката на штетите врз земјоделските површини од невремето
За општина Лозово, проценката ќе се направи во следните 10 дена поради тоа што станува збор за едно од најпогодените подрачја во овие три дена
Земјоделците кои претрпеа штети од невремето, ќе може да поднесуваат барања за обештетување. Потребната документација ќе треба да ја поднесат најдоцна до десетти наредниот месец. Општински комисии се веќе формирани, а по завршувњето на рокот, ќе излезат на терен за да ја увидат фактичката состојба.
Од денеска комисиите почнуваат да работат за да се направат проценките за тоа колкава е штетата по земјоделските површини по невремето што ја зафати државата. За општина Лозово, проценката ќе се направи во следните 10 дена поради тоа што станува збор за едно од најпогодените подрачја во овие три дена, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Тој верува дека во Владата многу брзо ќе го добијат извештајот од општините, а со ребалансот на Буџетот, информира, во ставката за државни резерви кај Министерството за финансии се предвидени дополнителни 60 милиони денари.
Министерот Николовски најави дека во Собранието треба да дојдат квалитетни закониски решенија за пасишта, за виното, за осигурување, за нов советодавен систем, за рибарство, за ловство и многу други закони што го менуваат системот на земјоделството на долг рок.