
Почнаа подготовките на расадот за пиперката ајварка
Благојче Паскоски од Крушеани направи 45 леи расад за пиперка капија која ќе ја сади на површина од 40 декари
Благојче Паскоски од пелагониското село Крушеани ги почна подготовките за новата реколта на пиперката ајварка. Деновиве тој направи 45 леи расад за пиперка капија која ќе ја сади на површина од 40 декари.
Благојче има 37 години, а земјоделство работи од 16. Со земјоделство се занимава целото негово семејство и од тоа егзистира. Во неговото семејство има традиција за производство на пиперката капија но потенцира дека мора да се следат новите модерни текови во земјоделското производството и особено да се користат квалитетни репроматеријали.
-Го спремивме расадот за пиперката капија, ги подготвивме леите, 45 на број со тоа што пипер годинава ќе садиме на 40 декари земја, што значи десеттина декари повеќе од лани. Семето го набавив од Србија и имам и везена пиперка и бела долга пиперка, вели Благојче за Зелена берза.
Годинава Благојче ќе сади компир на површина од 14 декари, за што како што вели семето е веќе подготвено.
Лани на 30 декари Благојче насади пипер и произведе 150 тони квалитетен пипер. На 12 декари компир и на 15 декари тутун. Лани пиперката ја продаде од 27-30 денари за прва класа, и втора класа од 20-25 денари.
А.Б