fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Почитувањето на мерките, услов за безбеден производ

Максимално да се почитуваат препораките за заштита од КОВИД 19 вирусот  како и на сите безбедносни мерки пред, за време, по колењето, конфекционирањето и подготовката на месото. 

Во услови на пандемија со КОВИД 19 вирусот и максимално подигнати безбедносни мерки за заштита од појава и ширење на вирусот на болеста африканска свинска чума во нашата земја, кога во селските домаќинста интензивно се извршуваат активности на колење на свињи, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира оваа активност да се изврши крајно внимателно. Максимално да се почитуваат препораките за заштита од КОВИД 19 вирусот  како и на сите безбедносни мерки пред, за време, по колењето, конфекционирањето и подготовката на месото.

За да се елиминира секаква можност од евентуална појава и спречување на вирусот на африканска свинска чума, болест која засега не е присутна во земјава, но, и други болести,  како и заради лична заштита, неопходно е да се води сметка колењето на свињите да се изврши во ограден простор (начесто двор), каде пристап нема да имаат други животни и домашни миленици. Површината на која ќе се врши колењето (бетонска или друг тип на површина која лесно се одржува), треба да може лесно да се измие со вода и да се дезинфицира.

Исклучително важно е оваа активност да се врши во присуство на што е можно помал број лица кои ќе бидат вклучени во колењето и конфекционирањето на месото. Пред почетокот да се изврши дезинфекција на облеката и алатот, а при колењето, лицата задолжително треба да носат заштитни маски и ракавици.

 

Доколку пред почетокот на колењето, сопственикот на добитокот забележи дека свињите манифестираат симптоми на треска, проследена со исклучително висока телесна температура, слабост во нозете, повраќање и дијареја, појава на црвенило или сино обоени делови од кожата, најмногу околу носот и ушите, кашлање и тешко дишење, ЗАДОЛЖИТЕЛНО да повика ветеринар од ветеринарното друштво кое се грижи за здравјето на животните.

Заради лична и заштита на животот и здравјето на членовите на поблиското семејство и на сите оние кои ќе го консумираат месото, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира сопствениците на свињи да повикаат ветеринар од  ветеринарното друштво кое ќе направи проценка на исправноста  на месото и неговата употребливост и од аспект на заштита од други болести.

Да се спречи секаков контакт на домашните миленици и на другите животни на одгледувалиштата со свињите кои се колат. Ним не треба да им се даваат ниту отпадоците од колењето како што се опашките, папците, цревата и некои од внатрешните органи. За да се спречи можноста остатоците од животните по колењето да бидат разграбани од други животни тие треба да се закопаат длабоко во земја, да се посипат со негасена вар и по можност да се затрупаат со камења.

Исклучително важно е по колењето да се изврши темелно чистење и дезинфекција со негасена вар или специјални дезинфициенси кои имаат широк спектар на делување против вирусите, не само на површината каде се вршело колењето, туку и на и во објектите каде се чувале животните. Процесот на колење на животните покрај тоа што треба да се спроведе на хигиенски начин, задолжително мора да се води сметка и за благосостојба на животните и нивна заштита од болка и страдање.

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close