fbpx
ВестиТоп вести

Почна потпишувањето на 43 договори за системот капка по капка

Од денеска почна потпишувањето на 43 договори за мерката за инвестиции во подземни системи за наводнување капка по капка од Програмата за рурален развој. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочи дека преку оваа мерка се овозможува кофинансирање на трошоците за набавка на разна опрема потребна за инсталирање на системите за наводнување капка по капка, но и услуги за изведување градежни работи, инсталирање на опремата, како и за изработка на елаборати и техничка документација.
„Финансиската поддршка се исплаќа по принципот на кофинансирање, на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот и е во висина на 50 до 75 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции. Максималната сума што може да ја земе секое земјоделско стопанство изнесува 1,8 милион денари за земјоделците што аплицирале за систем за наводнување, а за инвестиции во бунари максималната сума е 364 илјади денари. Наводнувањето е еден од главните услови за зголемено и конкурентно земјоделско производство. Токму затоа преку Програмата за рурален развој креираме мерки кои на земјоделците им овозможуваат инсталирање ваков тип системи за наводнување, што за нив ќе значи олеснување на производството и поголеми приноси“, изјави министерот Николовски.

Конкретно, на лицата со што се склучуваат договорите им се покриваат дел од трошоците за набавка на опрема и приклучна опрема за системот за наводнување, приклучна механизација за поставување и собирање на системот капка по капка, опрема за електрична инсталација за снабдување со електрична енергија, агрегати, компјутерска опрема за функционирање, управување и контрола на системот за наводнување и сè друго што е потребно за системот.
Вкупно, по основ на кофинансирање, за овие 43 баратели со кои се склучуваат договори, ќе се исплатат речиси 20 милиони денари.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, посочи дека на овој, како и на другите повици, има и такви баратели на кои ставката на кофинансирање се зголемува.

„Така, 55 отсто се кофинансира во случај кога носителот на инвестицијата е млад земјоделец, 60 отсто во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство, 65 отсто во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство кога носителот на инвестицијата е млад земјоделец и 75 отсто во недостапни рурални заедници. Одобрените и исплатени средства се неповратни, при што корисникот не смее да ја отуѓи инвестицијата кофинансирана од средствата на оваа Програма во рок од 5 години од денот на исплатата на средствата“, изјави Бабовски.

Некои од земјоделците што денеска потпишаа договори изјавија дека со оваа мерка значително ќе им се олесни производството, ќе се намалат трошоците и ќе имаат поголеми приноси од земјоделските култури што ги произведуваат. Министерот Николовски потенцира оваа мерка е само дел од политиките за создавање услови за зголемување на наводнуваните земјоделски површини.


 

makfax.com.mk

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close