fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Почна жетвата на пченицата во Пелагонија

Започна жетвата на лебното жито во  Пелагонија. Земјоделците  задоволни од квалитетот на пченицата, но не и од цената.

Родот од овогодинешната реколта е помал што е последица од недостатокот на влага  за време на формирањето на зрното во класот на пченицата. За разлика од јачменот чија жетва заврши е и се оценува како релативно добра, со приноси над 5 тони по хектар и цена од 9 ден плус ДДВ и транспортни трошоци, кај пченицата состојбата е сосема поинаква.

-Оваа  сезона родот ќе биде под просекот во Македонија што се движи околу 3 тона од хектар. Ќе биде добро и ако се ожнеат 2,5 тони од хектар земјоделска површина. Сепак треба да почекаме да заврши жетвата па да знаеме точно колку ќе се собере пченица. Квалитетот е добар, но хектолитарската тежина е мала.  Приносите оправдано се ниски бидејќи во месец мај кога беа најпотребни дождовите, тоа не се случи. Тогаш кога се формираше зрното недостигаше влага. Клас има ама со малку зрна. Приносите се слаби, а квалитетот е добар, вели за Зелена берза Ефтим Шаклев претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

Оваа жетвена сезона и оние што се надеваа на поголеми приноси бидејќи употребиле  квалитетен семенски материјал, не се задоволни од приносите. Армин Ајдароски од с.Пешталево општина Долнени одгледува житни култури на површина од 20 ха. Задоволен е од квалитетот, но приносите му се под очекувањата.

-Од искуство  наназад сеам пченица од сортата Апачи, со која постигнувам одлични резултати. Оваа година родот е послаб. Приносите се движат од 3-3,5 тони од ха. Квалитетот е добар но приносите се помали од очекуваното. Причината ја знаеме, семето беше добро, но недостигаше  влага. Тогаш кога најмногу беа потребни  дождовите, нив ги немаше. Цената  пак е друг проблем. Девет денари по килограм е многу ниска цена. Од годините наназад пченицата ја продавав од место, но оваа година заради короната немам таков откуп. Ќе ја носам дома и ќе ја чувам додека се постигне подобра цена, бидејќи квалитетот е добар, вели Армин Ајдароски земјоделец од с.Пешталево.

Слична е состојбата и кај другите земјоделци и што се однесува за откупот цената сметаат дека ќе биде неизвесен и дека во голема мера зависи од мелничарите.

П.Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close