Почнаа подготовките за берба на боровинки и други шумски плодови во гевгелиско
Во гевгелиската подружница на шумското стопанство „Кожуф“ денеска со издавањето годишни дозволи почнаа подготовките за берба на боровинки и други шумски плодови која традиционално стартува од 1 август.
За таа цел, заинтересираните граѓани се потсетуваат дека треба на време да извадат дозволи со кои всушност ќе се евидентираат во регистарот на собирачи на шумски плодови и ќе можат непречено да престојуваат во планината.
Годишната дозвола се издава по цена од 400 денари, а против сите граѓани кои ќе бидат фатени во берба на боровинки пред официјалниот почеток на сезоната, ќе се поднесуваат пријави за сторен прекршок за кој максималната парична казна изнесува до 4.000 евра во денарска противвредност.
Заради заштита од пожари на берачите ќе им биде дозволено да кампуваат во планината, но само на места кои за таа намена ќе бидат одредени од гевгелиската подружница која работи во рамки на јавното претпријатие „Македонски шуми“.