
Под 300 денари да не биде цената на јагнето за Велигден – Косово го запре увозот на македонското јагне, сточарите загрижени
За Божик најголем дел од живото јагне замина за извоз за Косово и Албанија. Косово го запре увозот поради болест кај овците во регионот на Липково
БИТОЛА – Затворањето на границите за извоз на живо јагне од Македонија ќе ја урне цената на домашното јагне за Велигден. Ова се стравувањата на одгледувачите на овци откако пред три дена косовската агенција за храна и ветеринарство објави дека забранила увоз на овци и кози од Македонија поради присуство на заболување кај овците и козите во регионот на Липково, кумановско. Најголем дел од македонското јагне заминува за Косово и Албанија.
„Во согласност со Законот за ветеринарство бр. 2004/21, увозот на живи овци и кози, како и нивните нуспроизводи (кожи и волна), е забранет, вклучително и производи што потекнуваат од овие животни кои не се термички третирани или кои потекнуваат од Република Северна Македонија. Оваа мерка стапува на сила веднаш и ќе остане во сила до понатамошна проценка на ситуацијата од страна на надлежните меѓународни органи, како и од Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Косово“, се наведува во соопштението.
Забраната е резултат на официјални извештаи од ADIS и Светската организација за здравје на животните (WOAH).
Затворањето на границите за македонското јагне за сточарите е нов удар врз нивната економија и реално стравување дека на домашниот пазар цената на јагнето ќе биде пониска од онаа од извоз и под производствените трошоци. Односно дека ќе бидат скратени за околу 1 евро од килограм живо јагне.
Сточари со кои разговараше „Зелена берза“ велат дека за Божик најголем дел од живото јагне замина за извоз за Албанија и Косово и тоа по цена од 280 до 320 денари за килограм, или просек пет евра. Домашните кланичари нуделе цена од 240 до 250 денари за килограм живо јагне, но кога виделе дека цената е повисока за извоз биле „приморани“ и тие да платат 280 денари за килограм, велат сточари од Пелагонија.
Сега кога веќе има проблем со болести кај овци и при затворена граница одгледувачите на овци ќе бидат принудени јагнето да го носат во домашните кланици.
Тука се јавува реално стравувањето по која цена ќе се откупува јагнето.
„Забраната за извоз на јагнињата е за период од 30 дена, ако не се сузбие болеста може да продолжи. На 12 април е нашиот православниот Велигден, јагнињата треба да ги дадеме до 20 – 25 март во кланица, прашањето е по која цена и дали ќе се исплати“, велат сточари.
Аце Милевски сточар од Гнеотино одгледува трло со 400 овци, за Божик јагнето живо го дал за извоз за Косово и Албанија, трговците од соседството барале јагне со поголема тежина од 30 до 50 килограми. Цената во просек била околу 5 евра за килограм живо јагне.
„Под 300 денари да не биде цената за килограм живо јагне за Велигден. Забрана за извоз значи дека ќе биде многу, многу пониска цената од оваа што ја бараме. Чаре е да се преземат мерки да се сузбие болеста во Кумановско и да се продолжи со извозот на јагнето. Неразумно и неприфатливо е кланичарите да имаат поголем ќар од производителите. Ќе бидеме уценети ако границата е подолго време затворена за извоз. Јагнето ќе ни оди под цена исто како лани кога беше 220-230 денари за килограм,“ изјави за „Зелена берза“ Аце Милевски сточар од Пелагонија.
Пред два дена неколкумина одгледувачи на овци беа на средба со кланичарите и министерот за земјоделие Цветан Трипуновски.
Одгледувачите на овци побарале откупот на јагнето да биде по иста цена од почеток до крај на откупот, тоа значи да не се манипулира со цената на јагнето на штета на одгледувачите на овци.
Анета Блажевска




