fbpx
Вести

Поголеми давачки за увоз на пченица

Мелничарите не се согласуваат со новите давачки за увоз на пченица, кои, велат, Државниот инспекторат за земјоделство ги донел без консултации со нив. Фитосанитарната анализа при увоз на пченица, според изменетиот Правилник за висината на надоместокот за извршените работи на Државниот инспекторат, наместо 3.000 денари, како досега, во иднина ќе чини 25.000 денари. Сумата, според Мелничко-пекарската групација при Стопанската комора на Македонија, е премногу висока и ќе има последици на нивната работа.

pogolemi davachki za uvoz na pchenica

 

Мелничарите побараа Министерството за земјоделство да ја поништи измената на Правилникот, за да можат нормално да функционираат и да продолжат со откуп на домашната пченица од годинашнава реколта, но и со увозот на пченица, за да направат квалитетно брашно за македонските потрошувачи.
„Цената за фитосанитарната анализа важи само при увоз на пченица, а брашното не е опфатено. Таа со најновите измени е зголемена за 833 проценти, што е спротивно и на правилата на ЦЕФТА и на СТО. Воедно, во последните две години истата анализа се наплаќа двојно – еднаш при увоз на пченица, и повторно, при царинење на истата. Висината на надоместокот за фитосанитарната анализа досега изнесуваше 1.500 денари по камион при влез на пченица и исто толку при царинење, односно 3.000 денари. Практично, компаниите беа двојно оптоварени за една иста анализа“, информираат од Групацијата. Сега, посочуваат мелничарите, фитосанитарната анализа од почетокот на месецов чини 12.600 денари по камион и уште толку при царинење, или вкупно 25.200 денари.

Воедно, мелничарите укажаа дека е потребно при носењето на мерките да се има предвид поврзаноста на производството на пченица и производството на брашно, бидејќи гранките се меѓусебно зависни и треба да се регулираат заеднички.

Реакции на одлуката за зголемување на цената на фитосанитарната анализа, минатата недела дојдоа и од Србија, од каде што Македонија увезува најголеми количини пченица. Потпретседателот на Владата на Србија, Расим Љајиќ, ги повика надлежните во Владата на Македонија на разговор за надминување на проблемот не исклучувајќи ја можноста и за воведување реципрочни мерки.

„Свесни сме дека реципрочните мерки не се ни трајно ни најдобро решение, но во овој миг тие за нас се изнуден потег и нашите стручни служби разгледуваат на кои македонски производи би можеле тие да се однесуваат“, посочи Љајиќ.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close