fbpx
Вести

Половина од кочанскиот ориз годинава од турските сорти „ѓоненгала“ и „халибеј“

Половина од кочанскиот ориз годинава е произведен од турските сорти „ѓоненгала“ и „халибеј“. Во Институтот за ориз во Kочани велат дека овие две и уште дваесетина други сорти на ориз по потекло од Турција полека ја заменуваат италијанската добро позната сорта „сан андреја“. Ако лани само стотина земјоделци ги одгледуваа новите сорти, годинава бројката е три пати поголема и половина од нивите се засадени со новите сорти. Земјоделците велат дека освен што порано стасуваат за жетва и не полегнуваат, новите сорти на ориз даваат повисок принос за дваесетина отсто, не бараат посебни услови за одгледување и по вкус многу потсетуваат на италијанските. Единствен проблем во моментов се трговците кои се уште не ги познаваат новите сорти и ги плаќаат со еден до два денара помалку за разлика од традиционалните. Во Институтот велат дека годинава се ожнеани околу 4.500 хектари под ориз со просечен принос од 6 тони од хектар.

oriz2-640x330

Повисок род

Добре Андов, професор на Институтот во Kочани, вели дека турскиот ориз веќе трета година се сее на македонските ниви. За разлика од досегашните сорти, на кои им требале 155 дена од сеење до жетва, новите сорти се раностасни и се жнеат за 130 дена.

– Италијанските сорти имаа мала родност и затоа побаравме алтернатива. Турските сорти се покажаа како одлична замена. Жетвата е готова, приносот е поголем, но точна бројка колку е ожнеано и колку земјоделци ги имаат насадено нема, бидејќи голем дел меѓусебно го разменуваа семето. Битно е дека интересот е голем и земјоделците годинава земаат семе еден од друг – вели професорот Добре Андов. Најголема причина за воведување на новите сорти бил слабиот рандман и количината на цели зрна што се добивала по обработката. Старите сорти биле многу кршливи и морале да се обноват. Дополнителен проблем било слабото стебло и оризот полегнувал ако имало невреме.

– Просечниот принос кај нас годинава е околу 6 тони од хектар. Цената по која се продава во малопродажба е околу 80 денари за килограм, а откупната е речиси едно евро. Имаше години кога производителите имаа проблем со пласманот, а добро во новите сорти е што Турците нудат откуп. Тие постојано имаат недостиг од оваа култура иако многу ја произведуваат. Затоа земјоделците не треба да се плашат за произведеното – вели Андов.

polovina od kochanskiot oriz godinava od turskite sorti gjonengala i halibej

Послабо платени сорти

Земјоделците велат дека единствена забелешка имаат на трговците што годинава турскиот ориз го плаќаат по пониска цена. Без образложение на производителите им плаќале денар до два помалку за разлика од италијанските сорти.

– И двете сорти се бели со слична конзистенција, форма и изглед. При преработка и од едниот и од другиот се добиваат исти трговски марки. Kај нас не се продава ориз по сорта, но турскиот помалку се плаќа – велат земјоделците.

Во Институтот во Kочани велат дека за обичните граѓани нема разлика. Вкусот е ист. За исто време се вари и може да се употреби и за солени и за слатки јадења.

Во Водостопанство „Брегалница“ велат дека годинава нема проблем со оризовите полиња.

Според нив, годинава има скоро двојно повеќе ориз од лани.

– Лани поради недостиг на вода имаше 2.800 хектари под ориз, но годинава има од 4.200 до 4.500 – вели Зоран Беличев, директор на Водостопанство „Брегалница“.

White-and-brown-rice

Македонците јадат 5 килограми ориз годишно

Само пет килограми ориз на жител е просекот во Македонија по консумација на ориз. Европскиот просек е околу 15 килограми, а има земји каде што потрошувачката е многу поголема.

Во земјава годишно се произведува околу 27.000 тони, ако се земе просекот по 6 тони на хектар. Најголем дел од произведеното завршува за извоз и тоа најчесто во поранешните југословенски републики. Најмногу ориз имаме засеано во 1987 година и тоа 9.000 ха, а најмалку во 1994 година – само 1.200 хектари.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close