fbpx
ВестиВино

Тиквешка регата за негување на винската култура

Винските регати по течението на Црна Река, Вардар и Тиквешко Езеро се обележје на здружението на граѓани „Винотек” од Кавадарци. Денеска попладне почнува четвртото издание на „Тиквешка винска регата” со околу 80 учесници. Определба на здружението „Винотек” е развој и негување на винската култура, винскиот туризам и производи од грозје што значи нивно присуство на сите јавни манифестации и туристички тури како и организирање саем за земјоделски производи и механизација во Кавадарци и вински регати во Тиквешијата.

tikveshka regata za neguvanje na vinskata kultura

 

На „Тиквешката винска регата” се најавуваат интересни и возбудливи доживувања во кои се обединети винскиот, рекреативниот, манастирскиот и археолошкиот туризам. Учесниците во регатата денеска се среќаваат во винарницата „Стефанс” во Кавадарци се запознаваат, дегустираат вина и храна, утре го продолжуваат дружењето во винарницата „Стоби”, која традиционално соработува со „Винотек”, се дегустираат вина и храна и се посетува античкиот археолошки локалитет Стоби, каде што гостите со водич се запознаваат со археолошките откритија на овој локалитет.

Регатата продолжува по водите на реката Вардар, а учесниците кај Уланци влегуваат во чамците и веслаат се до Црвени брегови. За најголемите авантуристи организирана е интересна игра. Учесниците добиваат мапи и го бараат скриеното богатство во лозовите плантажи, а богатството секако е вино, кое е награда за оној што ќе го пронајде. Следна нивна дестинација е манастирот „Свети Горѓи” во Неготино каде што исто така има винотека. Тука преноќуваат во конаците на манастирот се дружат, а утредента дегустираат вина во винарницата „Бовин”. Според информацијата што ја добивме од Блаже Велков член на организацискиот одбор, регатата продолжува повторно по вода се до Демир Капија, каде што учесниците ја посетуваат Вила Марија во винарницата „Еленови”, дегустираат вина и храна и го завршуваат своето дружење.

Панче Арсовски од здружението „Винотек” смета дека Тиквешијата има многу нешта со кои може да се пофали пред туристите и длабоко во себе верува дека со нивниот ентузијазам ќе успеат да востановат многу речни и езерски регати, кои ќе прераснат во традиционални. Сега здружението поседува сопствени чамци и нема да биде проблем да се организираат регатите бидејќи интересот е голем.

Покрај оваа традиционална јунска регата со која здружението всушност и се промовира, кон средината на јули се планира и езерска регата по Тиквешко Езеро, во која ќе се посетува полошкиот манастир „Св. Ѓорѓи” еден од најголемите културно историски споменици од 14 век во Тиквешијата, каде што исто така во минатото се произведувало вино. До крајот на годината ќе следуваат уште три регати вели Панче Арсовски од „Винотек”.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close