вести

Годинава ќе јадеме вкусни и сочни домашни домати

Земјоделците годинава се задоволните од откупните цени на раноградинарските култури. Освен повисоките откупни цени на земјоделските производи, значително е намален увозот од надвор, особено од Турција и Албанија кои се наши најголеми конкуренти со цената, но не и со квалитетот. Откупните цени за доматите се движат од 20 до 25 денари за доматите, за краставиците од 15 до 25 денари, а за пролетната зелка откупните цени се движат од 8 до 12 денари за килограм за која има и извоз за Русија.

godinava kje jademe vkusni i sochni domashni domati

 

Земјоделците засега се задоволни со овие откупни цени, кои им овозможуваат покривање на производствените трошоци и некој денар плус за да можат да го обноват производството за наредната година. Потрошувачите, исто така, се задоволни и од цената и од квалитетот на доматите, краставиците, пиперките и зелката и велат дека нашите домати се вкусни и сочни и многу се разликуваат од увезените кои се без вкус и веднаш се препознаваат.

– Земјоделците се задоволни од сегашните откупни цени на раноградинарските земјоделски производи, а откупот се одвива нормално без некои посериозни проблеми. Увоз има, но тој е многу помалку во споредба со минатата година кога домашните пазари беа преплавени со увозни производи. Откупната цена на доматите на кванташките пазари се движи од 23 до 25 денари за килограм, а на откупните пунктови доматите се откупуваат по 20 денари за килограм. И откупната цена на краставиците е задоволителна за овој период од годинава и истата се движи од 18 до 20 денари за килограм, вели Никола Стаматов, претседател на Федерација на фармери на РМ.

Според него, сегашната цена е приспособена на трошоците на земјоделците, а доколку има увоз откупната цена ќе се намали и тоа негативно ќе се одрази врз домашното производство.

– Откупните цени засега се задоволителни и им овозможуваат на земјоделците не само да ги покријат трошоците, туку да тргнат настрана и некој денар за да го обноват процесот на производство за наредната година, додава Стаматов.

Според претседателот на Регионалниот центар на Сојузот на земјоделци од Струмица, Ване Митев, понудените откупни цени засега се реални и реакциите на земјоделците во однос на цените се позитивни.

– На почетокот на откупот, трговците сакаа вештачки да ја намалат цената, но ресорното министерство и Државниот инспекторат за земјоделство реагираа навреме и не се случи тоа. Со оглед на климатските промени и на големата конкуренција од соседните земји не можеме да бидеме незадоволни од откупните цени. Најголем конкурент од соседните земји ни е Албанија, која ги има преплавено пазарите во Србија и Хрватска. Покрај албанските производи голема конкуренција имаме и од турските производи, бидејќи трговците од оваа земја добиваат големи извозни стимулации, вели Митев.

Според него, годинава увозот од овие земји е значително намален, но и покрај тоа земјоделските производи кои се увезуваат од овие земји се понеквалитетни од македонските производи.
Според агроекономистите земјоделците можат да и се спротивстават на конкуренцијата и да си обезбедат сигурен пласман на производите единствено преку окрупнување, односно формирање на земјоделски задруги преку кои заеднички ќе настапат на пазарот.

Од друга страна, пак и во случај на преголем увоз тие се свесни дека Владата и МЗШВ не можат да реагираат, бидејќи Македонија е членка на ЦЕФТА и има договори за слободна трговија со другите земји-членки, поради тоа не може да го спречи увозот и да го стимулира извозот.

И земјоделците се согласуваат дека преку задругите можат да обезбедат сигурен пласман. Според нив, едно од решенијата за проблемот со пласманот е и обезбедувањето на ладилници за складирање на производите и на тој начин тие да ја диктираат цената.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close