Поради скандалозно видео, министерот за земјоделство на Грција си поднесе оставка
Се насмеал во врска со пожарите во кои загинаа многу луѓе
Министерот за земјоделство и храна на Грција Спилиос Ливанос си поднесе оставка, откако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис побарал од него објаснувања за реакцијата за време на состанокот со градоначалникот на Спарта, кога тој се осврнал на катастрофалните пожари на Пелопонез во 2007 година и како Нова демократија потоа ги доби изборите, јави дописничката на МИА од Атина.
Од кабинетот на грчкиот премиер соопштија дека Мицотакис во телефонскиот разговор со Ливанос побарал објаснувања, министерот признал дека требало поинаку да реагира и ја доставил неговата оставка што била и прифатена.
Според видеото објавено во грчките медиуми, за време на состанокот во Спарта минатата седмица, градоначалникот Петрос Дукас, кој во периодот од 2004 до 2007 година беше заменик-министер во Владата на Караманлис, пред присутните, меѓу кои и министерот за земјоделство, се осврнува на пожарите пред 15 години, велејќи дека со чанти со пари им исплаќале оштета на граѓаните и така ги добиле изборите во 2007 година.
Градоначалникот додава дека успеале да ја „сменат играта“ и да не дозволат да им падне рејтингот.
Ливанос му се обраќа и коментира дека „од тогаш останале запишани во историјата со она што го сториле“.
Локалните медиуми коментираат дека во пожарите во областа Илиас на Пелопонез, во 2007 година животот го загубија 49 лица.
Од опозициската СИРИЗА преку соопштение велат дека „15 години подоцна, Мицотакис е принуден да побара оставка од Ливанос, иако го следи истиот рецепт за измама“, а „политичката нечувствителност на Ливанос ја карактеризира целата Влада“.