fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Поради временски непогоди, Владата во просек годишно им исплаќа по 3,5 милиони евра на земјоделците

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека под нивни ингеренции се планирани или во фаза на реализација се капитални системи за изградба на хидросистеми за наводнување и брани на акумулации, како и водоснабдителни системи за жителите во вкупен износ од над 307 милиони евра.

Климатските промени се наметнуваат како сериозна закана за земјоделското производство во земјава. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Комисијата за штети при Владата на РСМ во просек годишно исплаќаат по 3,5 милиони евра на земјоделците на основ на штети од временски непогоди, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Долгите топлотни бранови и долготрајните суши, градот и силните врнежи во форма на невреме во летните месеци, измрзнувањето на насадите, особено кај овошките напролет поради топлите зими по кои следуваат невообичаени ладни бранови, се дел од временските непогоди со кои се соочуваат македонските земјоделци. Просечните средногодишни температури на воздухот во земјава растат, а со тоа и потребата од инвестиции во капитални инфраструктурни проекти кои ќе ја задоволат потребата за вода за земјоделците и за целокупното останато население.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека под нивни ингеренции се планирани или во фаза на реализација се капитални системи за изградба на хидросистеми за наводнување и брани на акумулации, како и водоснабдителни системи за жителите во вкупен износ од над 307 милиони евра. Покрај тоа што ќе треба да ги задоволат долготрајните потреби од вода за различни намени на населението од одредени региони во земјава, овие инвестиции се во насока на заштита од влијанието на климатските промени во земјава.

Станува збор за проектите: брана на Оризарска река, брана Конско во Гевгелија, ХМС Равен – Речица во Полог, брана на река Слупчанска, пречистителни станици за вода за пиење во Штип и Карбинци на хидросистемот „Злетовица“, изведба на втората и третата фаза од хидросистемот „Злетовица“, наводнување на Јужна долина на Вардар, системот Дисанско поле – Тиквеш, четири системи за наводнување во сливот на реката Вардар (Лисиче, Пепелиште, Јужен Вардар – трета фаза и Конско) и два мали системи за наводнување – Чаушица и Славишко Поле.

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во своето поле на делување посветува големо внимание и превзема сериозни мерки во насока на заштита на земјоделските површини од влијанието на климатските промени. При тоа, не можеме да ги одвоиме како посебна ставка во буџетот за проекти за заштита од климатски промени, бидејќи не се така дефинирани, но затоа пак имаме сет од различни мерки кои се креирани во насока на ублажување на последиците од климатските промени“, објаснуваат од ова министерство.

Покрај сегашните и идни капитални проекти, лани за прв пат преку Програмата за рурален развој започна авионското засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз посевите. Преку ИПАРД 2 програмата, преку мерката „Инвестиции во основни средства на земјоделските стопанства“, им се овозможува на земјоделците финансиска поддршка преку промоција на ефикасно искористување на ресурсите и обновливите извори на енергија. Во соработка со ФАО и УХМР, се спроведуваат и проектите „Зголемена отпорност – издржливост на земјоделскиот сектор преку промоција на паметни климатски земјоделски пракси“ и „Зелен климатски фонд“.

Инаку, климатските промени изразени преку зголемувањето на просечните годишни температури на воздухот се предизвикани од емисиите на стакленички гасови во светот, кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина. „Мета.мк“ веќе пишуваше за официјалните податоци на Министерството за животна средина и просторно планирање, кои покажуваат позитивни отстапувања од просечните годишни температури на воздухот во земјава. Притоа, во 2019 година регистрирани се рекордни позитивни отстапувања на температурите во Скопје, Гевгелија и Лазарополе.

Од друга страна, нашата земја постепено низ годините ги намалува емисиите на стакленички гасови, особено во секторот Енергетика. Сепак, и покрај ова, штетните гасови во одредени сектори, како што се: транспортот, отпадот или шумарството, во изминативе години растат како последица на зголемената употреба на возилата од населението, користењето на јагленот и другите фосилни горива за производство на електрична и топлинска енергија, палењето и сечењето на шумите, нестандардните депонии и исклучиво нискиот процент на рециклирање и компостирање на отпадот.

Европската Унија од нашата земја бара да ги усвоиме Законот за климатска акција и Сеопфатната стратегија за климатска акција во согласност со Рамката на ЕУ 2030, за коишто од Владата тврдат дека тие се во завршна фаза на подготовка и ќе бидат усвоени до крајот на 2021 година.https://meta.mk/poradi-vremenski-nepogodi-vladata-vo-prosek-godishno-im-isplakja-po-35-milioni-evra-na-zemjodelcite/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close