„ПОРАНКО, ПОЕВТИНКО“- Совет од земјоделците како ајварот да не ви биде „пресолен“
Лесно може да се случи ајварката кон крајот на септември и почетокот на октомври да се продава по многу повисоки цени во споредба од сега кога се откупува од 10 до 25 денари за килограм во зависност од квалитетот
Производителите на пиперката ајварка велат дека граѓаните ќе имаат поевтин ајвар само ако оваа омилена зимница ја подготват до средината на идниот месец, бидејќи до тогаш пиперките може да се купат по цени кои се прифатливи за нив.
Според Драги Памуков, земјоделец од село Куклиш заради многу фактори, но најмногу од климатските промени, ајварката сега стасува порано за берба за разлика од минатите години кога ајварот и другите зимници од неа се подготвува кон крајот на септември и почетокот на октомври.
– Годинава пиперката под пластеници во најголем дел е засадена во мај и на тој начин ги избегнуваме големите горештини и од моето искуство таа дава повеќе род. Освен тоа, преработувачите годинава почнаа со откуп порано, односно сакаат производствената сезона да им трае подолго и затоа лесно може да се случи ајварката кон крајот на септември и почетокот на октомври да се продава по многу повисоки цени во споредба од сега кога се откупува од 10 до 25 денари за килограм во зависност од квалитетот – рече Памуков.
Тој додава дека во овој период граѓаните се соочуваат со други трошоци, како што е подготовка на децата за новата учебна година и затоа им е тешко да мислат сега на зимницата.
Освен преработувачите, ајварката ја откупуваат и трговците во гајби по цена од 25 до 35 денари за килограм во зависност од квалитетот, а позната струмичка пиперка се извезува на пазарите во државите од поранешна Југославија и во Романија.
Според земјоделците производството на оваа пиперка годинава е зголемено во споредба со лани, но родот ќе биде намален заради екстремно високите температури и врнежите кои го зафатија регионот последните денови.https://plusinfo.mk/poranko-poevtinko-sovet-od-zem-odelcite-kako-a-varot-da-ne-vi-bide-presolen/