fbpx
ВестиЕкологијаРурален туризам

После 40 години се реконструира патот за Маловишта

Изведбите на патот од Кажани до Маловишта во должина од 4 километри започнаа вчера, а се очекува да завршат за шест месеци

МаловиштаЗа празникот „Св. Ана“ во август, мештаните на Потпелистерското село Маловишта ќе имаат реконструиран пат во должина од 4 километри. Изведбите од селото Кажани до Маловишта започнаа вчера, а се очекува да завршат за шест месеци.

Седумдесет годишниот Јован Нашовски жител на Маловишта, се радува што после 40 години, патот за првпат ќе биде реконструиран. Селото вели има околу седумдесеттина жители претежно старци, но за викенди и празници е живо, со многу гости, викендаши, странци кои доаѓаат во Маловишта да уживаат во природата, да ги посетат црквите и манастирите.

„После 40 години, патот пак ќе го направиме, зошто досега, особено овие  последни години додека се правеа мали хидроцентрали, патот ни го расипаа, го направија катастрофа и не можевме ни за селото да одиме безбедно. Нашето село е прочуено по убавите црква и манастир, доаѓаат туристи од секаде и постојано се чудеа,  што е со патот. Патот беше широк три метри, а сега ќе биде четири метри, со банкини од 50 сантиметри, па ќе можат да се разминат две возила, оти ако не можат да се разменат две коли бадијала што ќе го правиме патот, вели Нашовски од Маловишта.

Маловишта е единствено село кое е сместено во Националниот парк Пелистер и прогласено за заштитена споменична рурална целина

Маловишта е специфично село, со интересна, автентична архитектура. Во селото има убави, големи куќи градени од камен, на традиционален начин. Белег на старата архитектура се сочуваните стари улички послани со калдрма, камените мостови и изгледот на мала градска населба. Во центарот на селото се издигнува црквата „Св. Петка“, со својот сочуван фрескоживопис, како и извонредниот дрвен иконостас изработен во длабока резба.На околу половина час пешачење југозападно од селото во букова шумаво 1936 година, е изграден манастирот „Св.Ана“ на 1.410 метри надморска височина.

Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството вложува 16,3 милиони денари за реконструкција на патот

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, Никола Бабовски, најави дека преку Програмата за рурален развој обезбедени се 16,3 милиони денари со цел подобрување и достоинствен живот во малите населени места.

-По 40 години, за првпат се врши интервенција на овој патен правец кој беше оставен на немилост на времето. Знаеме што значи поддршката и развојот на руралните средини и преку ваквите проекти ги развиваме потенцијалите на малите населени места, како што е селото Маловишта. Исто така овозможуваме во малите средини младите да можат да развиваат свој бизнис, да можат тука да ги основаат семејствата, да вложуваат во руралниот туризам и да вршиме заштита на културно историските споменици, рече Бабовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството.

Во проектот со ко-финансирање се вклучува и Општина Битола.

-Отсекогаш потенцирав дека општината не е само градското јадро, туку е целиот опфат околу градот и ова потврдува дека тие политики во таа насока ги движиме. За овој проект општината ја изготви планската документација, одлуките на седници на Совет, како и делот за ко-финансирање кој што е над 2.3 милиони денари. Во оваа насока ќе продолжиме да се движиме, затоа што нам ни треба рамномерен развој насекаде и само на таков начин луѓето ќе можат да живеат во своите населби, онаму каде што биле нивните корења и да ја гледаат перспективата во своите домови, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Во Битола преку Програмата за рурален развој се активни шест проекти со вкупна поддршка од Агенцијата и Владата од 42 милиони денари.

Жителите на Маловишта од Општината побараа за наредниот период да се направи мала пречистителна станица за отпадните води од Маловишта и Потпелистерието.

-Во наредниот период ќе биде добро да се направи зафат, зошто од сливното подрачје на Стрежевско Езеро сите фекалии е вливаат во реките, посебно во нашата река како една од поголемите. Добро е да има пречистителна станица која ќе ја направи почиста и реката и околината, рече Нешовски.

А. Блажевска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close