вестиТоп вести

Загрижувачки сознанија на Царина за квалитетот на режаниот тутун на пазарите: Граѓаните се „трујат“

На пазарите се продава режан тутун со параметри кои се неколкукратно над дозволените и се штетни по здравјето на граѓаните кои ги конзумираат. До вакви сознанија стасале претставниците од Царинската управа по анализи на квалитетот и составот на режаниот тутун кој нелегално се продава на пазарите. Моментно посебно работно тело во кое членуваат и претставници на тутунските компании работи на елиминирање на нелегалната трговија со тутун и тутунски производи. Од Царината за Фактор велат дека наскоро ќе излезат со детални податоци за тоа каков тутун купуваат граѓаните на пазарите и по тезгите. Оваа продажба освен што директно го загрозува здравјето на граѓаните, што е сепак најважно, секако е и на штета на државата затоа што нелегалните продавачи не плаќаат акциза за тутунот. Од Царината не даваат сума на акциза која била избегнета да се плати. Фактор веќе објави дека според проценки на компаниите загубите во 2018 година изнесуваат 18 милиони евра.

„ Точно е дека дел од компаниите по основ на акциза имаат помала реализација споредено со 2017 година, но исто така треба да се има предвид дека дел од компаниите имаат и зголемена реализација по основ на акциза. Официјалните податоци на вкупно остварените приходи од сите компании во 2018 година по основ на акциза за тутунските производи се дека истите се зголемени за 193 милиони денари споредено со минатата година, што претставува пораст од 1,8 проценти.Сепак треба да се има предвид дека проблемот со нелегалната продажба на режан тутун на пазарите е појава која загрижува и на која институциите работат на нејзино елиминирање, велат од Царинската управа.

На прашањето што тие прават одговорија дека е формирано тоа работно тело и дека се разменуваат податоци за состојбата. Алармираат дека тутунот кој се продава е исклучително штетен.

„Една од активностите која е планирана во рамки на Работното тело и е во фаза на реализација е испитување на квалитетот и составот на режаниот тутун кој нелегално се продава на пазарите. Првичните информации од анализите се дека истите по одредени параметри се многукратно над дозволените граници и се многу штетни по здравјето на граѓаните кои ги конзумираат. Во моментот се врши сублимирање на резултатите и анализа на штетноста по здравјето на луѓето, по што се планира истите да бидат јавно објавени, велат од царината.

Во изминатиот период Царинската управа во повеќе наврати запленила 2.374 килограми режан тутун. Исто така, во координирана акција со Пазарната инспекција и МВР, во изминатите месеци направени се акции по пазарите на територијата на град Скопје при што се одземени затечените количини режан тутун и поведени постапки против лицата кои нелегално го продавале.

Од Пазарната инспекција за Фактор велат дека годинава при надзорите одземени се 170 килограми режан тутун,  347 кутии филтри за цигари, 48 апаратчиња за правење цигари, 48 чибуци и 2 табакери.  Вкупната вредност на одземената стока е 168.680 денари.  Од оваа сума 127.360 денари се одземени само од едно физичко лице.

Увозот на тутун, суров и необработен како и режан тутун, во 2018 година во однос на 2017 година количински е намален за околу 2 проценти.


 

faktor

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close