fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Поставен и осветен 7 метарски крст над селото Нижеполе, донатор е „Синпекс“ Битола

Покрај металниот крст верниците  од Нижеполе поставија и параклис, а  наскоро крстот ќе биде и  осветлен.

Симболот на христијанството, метален крст висок над седум метри е поставен и осветен во месноста наречена Голема Стена над селото Нижеполе, Битолско.

Крстот се наоѓа на карпа над малото црквиче посветено на „Св.Петка“, веднаш под Бабин Заб. Идејата за поставување и изградба на крстот се роди летово, а донатор е битолската компанија „Синпекс“ Битола. Неколкумина жители на ова село се вработени во „Синпекс“, меѓу нив и Атанас Јаневски и Василаки Џановски. Донираниот крст беше осветен на 27 септември годинава за време на празникот Крстовден.

– Решивме идејата да ја реализираме во најскоро време. За таа цел се обративме до менаџментот на „Синпекс“ Битола да ни помогне со достава на материјал за изработка на крстот. Тие идејата ја поздравија и ни ветија дека не само материјалот за изработка, туку и сите други трошоци кои ќе настанат до конечната реализација на овој проект, како општествено одговорна фирма ќе ги сноси „Синпекс“, рече Јаневски.

Покрај металниот крст верниците од Нижеполе поставија и параклис, а наскоро крстот ќе биде и осветлен.

-После оваа поткрепа што ја добивме од „Синпекс“ веднаш се пристапи кон  изработката на крстот од метална конструкција. Крајната негова висина изнесуваше околу седум метри и тој беше поставен на фундамент од цемент во текот на месец август. Подоцна на ова место се монтира и параклис со свеќник. Наша следна цел која наскоро сакаме да ја реализираме, е до крстот да спроведеме електрична инсталација и да поставиме светилки, рече Џановски.

За да стигнете до местото каде што е поставен крстот треба да се движите од центарот на селото во правец на реката. Потоа интензивно се совладува височината и за околу триесетина минути се пристигнува на локацијата. Откако ќе се искачите над карпата пред вас ќе се створи видиковец од кој има прекрасен поглед кон селото, Црвени Стени и други врвови на Баба Планина. Поставени се и клупи, донесена е планинска вода и во иднина ова може да прерасне во посакувана локација за одмор и релаксација.

Нижеполе се наоѓа на оддалеченост од околу десеттина километри од Битола распослано на падините на Баба Планина. Населението кое живее во хармонија е со мешан етнички и религиозен состав. Жителите од христијанска вероисповед своите религиозни потреби и обичаи ги спроведуваат во три цркви. Главна црква во селото е „Св. Петка“. На друга локација се наоѓа мало црквиче посветено на истата светица, додека во правец на соседното село Дихово се наоѓа црква посветена на „Св. Атанас“. Во селото е присутна и една џамија за потребите на жителите со муслиманска вероисповед.

Денес над многу населби и градови низ државата се издигнува христијанскиот симбол-крстот.

На 27 септември секоја година по стариот календар православните христијани го слават возвишувањето на Чесниот Крст или Крстовден. Овој ден се прославува во чест на пронаоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос, како и неговото враќање во Ерусалим од Персија. Крстовден е црковен празник кој се прославува со строг пост и покајување.

 

Текст и фотографија:Игор Петровски

Слични написи

Back to top button
Close