Потрошувачите да не се сомневаат во домашните сертифицирани органски производи
Малите фарми, фрагментираните површини, недостигот на репроматеријали, современа опрема за берба и постбербени операции, недоволниот број ладилници и немањето информации особено во руралните средини, се клучните предизвици со кои се соочува македонското органско земјоделство.
Како што беше речено на работилницата за новинари во Велес, дополнителен проблем се финансиите, а се уште нема и доволен број тренирани советници. Решението, според експертите, е во договорното производство што подразбира здружување и поврзување на сите чинители, производителите, науката и институциите, како и однапред дефиниран пласман дома и на странските пазари.
– Македонија има голем потенцијал за органско земјоделство, одлични еколошки услови, традиција и земјоделци кои си ја знаат работата. Но, процесот бара многу знаење и информации. Едукација е неопходна на сите нивоа и постојано, зашто работите во континуитет се менуваат, рече професорката Рукие Агич од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Според неа, земјоделците тешко набавуваат и органско семе, немат соодветна механизација, а поради несигурниот пласман ретко кој од нив преминува од конвенционално во органско производство.
Во однос на извозот, напомена Агич, квалитетот и кватитетот се клучни.
Сертифицирањето, пак, отвора сосема поинакви прашања и дилеми. Анализите на терен покажуваат дека потрошувачите не се потполно сигурни во домашните органски производи и се уште со недоверба и сомнеж гледаат во сертификатот. Тоа, велат експертите, е неоправдано и неосновано. И тука причината ја гледаат во недоволната информираност.
– Постои тенденција кај производителите своите производи да ги нудат како органски со образложение дека се еколошки одгледани и дека не содржат резидуи (остатоци) од пестициди, додека купувачите сметаат дека органски се оние производи што се мали, црвливи и со флеки. Но, ниту едното, ниту другото е точно. Органски се само оние производи кои имаат сертификат од акредитирано тело, подвлече Валентитна Колар Јовановска од Балкан Биосерт.
Како што потенцира Јовановска, процесот на контрола за сертификација е секаде ист, и кај нас и во ЕУ и генерално во светот. Притоа, не се контролира производот, туку процесот кој претставува систем на мерки кои обезбедуваат оптимално ниво за заштита на здравјето на почвата, водата, животната средина, животните и луѓето.
Работилницата за новинарите во Велес е поддржана од Швајцарската агенција за развој и ИМЕ програмата за зголемување на пазарот и вработувањето чии активности овозможија македонски органски грав и лековити зачински билки прв пат да се произведуваат за пазарот во Швајцарија. Ативностите од ноември предвидуваат и изготвување законски измени за полесен увоз на органско семе, како и за формирање прв кластер за органско производство во Македонија.
Новинарите во рамки на обуката ќе имаат можност да го видат производството на грав во Мустафино, како и на органските зачини на Китка.