Повторно поскапеа јогуртот, урдата и некои видови сирења
Се подготвува нов закон за потрошувачи со кој ќе се спречат трговците да наплатуваат дополнителни давачки кои ги зголемуваат цените на производите.
Потрошувачите се жалат дека последниов месец забележале поскапување на јогуртот, урдата и некои видови сирења. И покрај тоа што власта тврдеше дека откако ќе одмрзнат цените на млечните производи нема да поскапат, сепак тоа не се случи.
-И покрај тоа што се очекуваше млечните производи да поевтинат поради падот на цената на суровината – млекото, струјата, зголемен увоз на млеко од Србија и Босна и Херцеговина тоа не се случи. Освен поради одмрзнување на цените поскапувањето на јогуртот, урдата и некои видови сирења се должи на дополнителни давачки од страна на трговците. На тој начин тие сакаат да ги компензираат загубите кои ги претрпеа поради мерките и покрај тоа што сите мерки беа на товар на млекарниците, а трговците си остваруваа профит, вели за весникот ВЕЧЕР, Цветанка Стојаноска-Пешовска, претседател на Здружението на производители и преработувачи на млеко и млечни производи „Знак за квалитет“.
Според неа, се подготвува нов закон за потрошувачи со кој ќе се спречат трговците да наплатуваат дополнителни давачки кои ги зголемуваат цените на производите.
Во маркетите некои видови јогурт се поскапени од 5 до 7 денари, урдата е зголемена за 5 до 10 денари во зависност од производителот, а има зголемување на некои видови сирења.
Потрошувачите велат дека кашкавалот и овчото сирење за нив одамна се луксуз и кај овие производи не ги забележуваат промените на цените бидејќи ретко ги купуваат. Повеќе ги загржуваат цените на оние производи кои им се неопходни во секојдневната исхрана, млеко, јогурт, сирење…https://www.vecer.press/