fbpx
ВестиТоп вести

Навраќање на корените

Колку  е тешко земјоделието знаат само  оние што го работат. Ретки се оние млади луѓе што се определуваат за оваа дејност, а се повеќе ги има оние што по подолга пауза повторно се навраќаат на земјоделието.  Шабан Демири  од  с.Корошишта, по дванаесет  години поминати во Австрија повторно се враќа на нивите во Струшко. Времињата се променети од некогаш и денес, но и покрај сите тешкотии тој одлучува своето време да го троши функционално. Започнува бизнис со лешници.

„Кога се вратив од Австрија не знаев што да правам  и по долги консултации одлучив да ја реализирам идејата на зет ми, да одгледувам  лешници.  Набавив садници од Италија за површина од 3ха. Бидејќи овде нема вода ископав  бунар и инсталирав систем капка по капка. Ова е веќе трета година.  Лешниците уште не се во полна зрелост. Годинава  собрав 100 кг и се со одличен квалитет. Се трудам, па ќе видиме“, ја почна  својата приказна за Зелена берза Шабан Демири.

Вложил многу пари и сака да биде се’ како што треба. Не било какво туку органско производство. Направил и хемиска анализа на почва.  Од страна хемија нема ништо, вели  Шабан. Дури и ѓубрењето го прави со природно ѓубре.

„Купив 300 вреќи ѓубре од овци. Сакам да биде се’  природно. Друго ништо не употребувам.  Не располагам со механизација  и се’ работам рачно. Дури и тревата околу коренот на лешниците ја корнам  со рака, од што сакам да им олеснам и да не им ја зема силата. Веќе две години аплицирам за трактор преку Националната програма, но досега ништо. Последниов пат аплицирав за Тафе па ќе видиме што ќе биде“, посочува Шабан.

Иако има голема поддршка од семејството, сепак  за да може во иднина  да работи како што треба покрај трактор, потребна  му е и приклучна механизација како : плугови, фреза и друга механизација , за да си олесни. Вели дека му е повеќе од потребно бидејќи тешко се наоѓаат работници, за да си олесни. Забележува дека климатските промени си го прават своето. Ја следи состојбата на лешниците и се консултира со стручни лица.  За сега се во добра кондиција и во иднина се надева на добар род.

П.Јовановска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close