Познатиот бањички кромид кој се готвеше за војската на ЈНА, сега едвај се продава по мизерни цени
Како и многу други земјоделци и земјоделски гранки така и производителите на бањичкиот кромид се соочуваат со истиот проблем, немање откупни центри, односно немање на пласман.
Кромидот од Долна и Горна Бањица, Гостиварско или познат како бањички кромид, сега се продава на диви пазари, а своевремено беше познат во поранешна Југославија и се извезуваше со илјадници тони. Сега за жал се сведе на продажба на дивите пазари.
Јусуф Абдија од Горна Бањица е пензионер, и се уште не се откажува од производство и продажба на овој кромид. Вели квалитетот е ист како и пред неколку децении. Расадот се чува и од година во година се засадува истиот, затоа и квалитетот останува, но продажба нема, затоа и како количина секоја година се намалува. Порано речиси целата земјоделска површина од атарот на двете села била засадена со кромид, сега речиси половината од овие површини не се обработуваат.
Како и многу земјоделци и земјоделски гранки така и производителите на бањичкиот кромид се соочуваат со истиот проблем немање откупни центри, односно немање на пласман.
-Кај нас нема откупни центри како во другите градови. И порано немаше откупни центри, но имаше големи фирми и го земаа кромидот. Овој производ се трошеше и за војската на Југословенска народна армија од тука земаа кромид од нашите села, затоа и сите произведуваа кромид, а сега ретко кој сака да се занимава со оваа дејност. Има големи трошоци, а на мало го продаваме за 20 денари, на големо ни го бараат за 10 денари, тоа не се исплаќа, не можеш да ги извадиш трошоците, но мора да го дадеш зошто доаѓа пролет и истиот ќе почне да проникнува, рече Јусуф Абдија производител на кромид.
Тој е еден од стотиците земјоделци кои ги продаваат своите производи на улици и тротоари во градот. За нив надлежните не обезбедиле ниту откупни центри, ниту соодветни локации за продажба на големо. Така, кромидот се продава на јавни површини претежно во тетовската населба Горна Чаршија.
-Па нема каде да продаваме, мораме вака да се снаоѓаме се додека не дојде полицијата да не казни и да не избрка. Да ми каже некој отсега тука ќе продавате, не е никаков проблем, ќе платиме колку што треба, ама немаме локации и мораме вака по улици, вели Абдија од гостиварска Горна Бањица.
Не само овошје и зеленчук по тетовските јавни површини се продава и живина
Во последно време може да се забележи и продажба на живина по тетовските улици и тоа на само стотина метри од центарот на Тетово. Има кокошки, гуски гулаби. Луѓето ја купуваат живината за исхрана, трговија, но и од хоби.
-Ние што продаваме живина општината не префрла од едно на друго место. Сега еден период нема да не чепка и ние ќе продаваме на тротоар. Ако ни најде соодветно место и ние би сакале таму да продаваме, вели продавач на гуски и кокошки.
Од Општина Тетово како и многу пати досега ветуваат решение на проблемот.
-Ние работиме на овие два проекти- зелен пазар на големо и сточен пазар. Изнајдени се локации за овие два пазари кај дворот на поранешниот Воспитно – поправен дом. Сега како општина работиме на неколку капитални проекти, затоа сме во потрага по финансии за изградба на овие два пазари, рече Снежана Новаковска, портпарол на Општина Тетово.
Ова не е прво ветување на градските власти за изградба на пазари, но оттогаш поминаа неколку години се на штета и грбот на земјоделците кои продаваат каде ќе се снајдат и на крај завршуваат со казни поради узурпација на јавните површини.
Зоран Димовски за Зелена берза