вестиСовети

Правилно залевање на почвата

(Oвој напис е објавен на: декември 8, 2017)

Во Македонија многу ретка е практиката да се користат методи за утврдување на времето и потребното количество вода за залевање. Или, доколку се употребуваат, најчесто се едноставни и делумно се применуваат. Најважни особини кои треба да ги поседува еден метод за определување на времето и потребното количество вода за залевање се практичноста, едноставноста, брзината и точното определување. Тоа може да се изврши со неколку методи:

• следење на влагата во почвата

• според критичните фази на развој на културата

• според надворешните (морфолошки) промени на културата

• според внатрешните (физиолошки) показатели на културата

• заливен режим според турнуси

• според дневната потрошувачка на вода (дневен биланс) и други методи.

Определување според времето за залевање со следење на влажноста на почвата

Постојат различни начини за определување на влагата во почвата, почнувајќи од наједноставни, но помалку точни, кои не барат никаква апаратура или опрема (метод на допир со рака), па до најсовремени методи, кои бараат скапи апарати и опрема. Следењето на влагата треба да се одвива на длабочина до каде што се наоѓа главната коренова маса. За градинарски и поледелски култури до 60 сантиметри, а за овошни насади и лоза од 80 до 100 сантиметри. Во практиката на наводнувањето, методите за определување на времето на залевање со следење на влажноста на почвата се делат на:

• методи кои се базираат на земање почвена проба (метод на допир со рака, метод на сушење на пробите од почва во сушница од 105 степени Целзиусови, сушење со инфрацрвени зраци, со парафин и друго)

• методи за директно мерење и очитување на влажноста во почвата (електрометриски, неутронски, тензиометарски методи..)

Определување на времето на залевање според критичните фази на развој на културата

Овој метод се базира на фактот дека секоја култура и покрај тоа што има потреба од лесно достапна вода во вегетацијата, сепак, во критичните фази на раст и развој на културата, доколку нема лесно достапна вода, може многу силно да се одрази на приносот од културата. Кај градинарските култури, најкритични се почетните фази на раст (период на расад) и се препорачува редовно залевање, но не често за да не се издолжи расадот. Подобро е тоа да се прави поретко, но со доволно количество вода за да се навлажни целиот слој во кој се развива кореновиот систем.

Најчесто се препорачува залевање со количество од 5 до 20 литри на метар квадратен (на 2 до 7 дена, во зависност од староста на расадот, неговата големина и густина, надворешните услови).

По расадувањето, критични периоди се периодот веднаш по расадувањето. Следни се фазите на почетно цутење, масовно цутење, почетно и масовно зреење. Кај овошките критични се фазите пред и после цутење, интензивно образување листови, образување леторасти, плодови и интензивен раст на плодовите. Сепак, потребно е овие залевања да се прилагодуваат кон климатските услови и почвата.

Определување според културата

Се врши на база на следење на промената на бојата на листовите и тургурот на листовите. Кај едногодишните култури, овој метод е попрактичен во споредба со повеќегодишните култури. Познато е дека листовите од овошките, при недостаток од влага во почвата, црпат влага од плодовите и другите делови на растението, така што многу тешко и доцна се воочуваат надворешните промени на недостатокот од влага.

Затоа, овие морфолошки промени кај овошките не можат да бидат основа за правилен и рационален режим на залевање. Исто така, при многу високи температури во најтоплите часови од денот, листовите кај многу земјоделски култури покажуваат знаци на венење, но не поради немање вода, туку поради биолошката способност на растението да се штити од преголемо испарување.

Поради овие недостатоци, овој метод не треба да се користи кај повеќегодишните култури. Но, доколку се користи, потребно е во меѓуредовото растојание да се постават растенија индикатори (пченка, пиперка, краставица, домат), кои веднаш манифестираат недостаток на влага, преку силно интензивна зелена боја што укажува дека растенијата ги црпат своите последни резерви вода.

Метод на залевање според внатрешни физиолошки показатели

Кај овој метод, растението или дел од него е индикатор за определување на времето за залевање. Всушност, се зема дел од растението (најчесто, листот) и се врши анализа на концентрацијата на клеточен сок (процент на вода и на сува материја) или се следи смукателната сила на листовите.

Концентрацијата на клеточниот сок се определува директно на поле со помош на рефрактометар, колку што е можно почесто (на 5-6 дена). За мерење со овој апарат се препорачува земање лист од средината на растението, а мерењата да се вршат во раните утрински часови. Смукателната сила на листот (водениот потенцијал за листот) и на другите делови од растението можат да се следат со инструментот прешрн бомба (комора под притисок).

За правилно работење со него, потребно е да се определи при која смукателна сила на листот, колку влага има во почвата. Слабост и кај двете методи е што добиените резултати не може да се користат кај друга култура и почва, а позитивно е тоа што тие може да се користат повеќе години на исто место и кај иста култура.

Определување на времето на залевање според турнуси

Турнусот е временски период меѓу две залевања и зависи од културата, почвените и климатските услови. Овој метод е прифатлив за заштитени простори (стакленици, пластеници), за аридни (суви) краеви со помали врнежи. Во подрачја со променливи климатски услови, во кои влегува и Македонија, овој начин на определување на времето за залевањене е многу практичен. Најпрактичен за примена е во летните периоди кога имаме многу мали врнежи, кои немаат големо влијание на однапред направената програма на залевање.

Определување на времето и количеството вода според секојдневната потрошувачка на вода (биоклиматски метод)

Овој метод е еден од поедноставните, а се базира на односот на потрошувачката на вода за даден период и сумата на среднодневни температури за истиот период, при што се добива биоклиматски коефициент. Имено, на почетокот на вегетацијата, почвата се обезбедува со лесно достапна вода. Потоа, со секојдневно следење на температурата и на биоклиматскиот коефициент, се следи потрошувачката на лесно достапна вода во почвата. Кога таа ќе се потроши близу долната граница на лесно достапна вода, повторно се залева. Врнежите, се разбира, го одложуваат залевањето.

Извор: Моја земја

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close