fbpx
ВестиТоп вести

Преку затворени системи за молзење до придобивки и за фармите и за млекарите

Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем продолжува со поддршка на развојот на млечната индустрија во Северна Македонија. Во партнерство со водечките компании од агросекторот – млекарите, Проектот инвестира во напредна техничка опрема за фармите и обезбедува советодавни услуги. На овој начин, се придонесува за модернизација на фармите и подобрување на процесот на производството на млеко во земјата.

Ваквите вложувања се од голема важност за фармите, имајќи го предвид тоа што практиките за производство на млеко директно влијаат на нивната добивка. Застарените практики значат помала рентабилност на фармите, додека пак модернизацијата на млекопроизводството значи поголемо и поконкурентно производство.

Како еден од клучните предизвици со коишто тие се соочуваат се јавува и недостатокот на работна сила, поради што се намалува производството на млеко, а во некои случаи дури и се затвораат фармите. Заедничките инвестиции на Проектот и водечките компании придонесуваат за надминување и на овој проблем.

Еден од примерите за успешни интервенции е инсталирањето на затворени (линиски) молзни системи кај фармите со врзан тип на чување на говедата. Кај фармите со 20-25 молзни грла, ваквите системи придонесуваат за зголемена млечност кај кравите од 5% во првите 3 месеци. Исто така, бројот на бактерии и соматски клетки во млекото се намалува за 75%, со што значително се подобрува квалитетот на млекото – уште во првиот месец на користење на системот за молзење, забележителен е премин на млекото од Прва во Екстра класа.

Дел од придобивките на затворените системи за молзење се однесуваат и на проблемот со недостаток на работна сила во фармите. Со овие системи, потребата од работна сила при молзење се намалува помеѓу 300% и 400%. Според досегашните искуства, за молзење на 20-25 крави беа потребни помеѓу 4-5 часа, додека пак со затворениот систем овој процес трае помеѓу 1-1.5 час – станува збор за заштеда на 155 работни денови од по 8 часа во текот на една година.

Од користењето на затворени системи за молзење, со значителни придобивки се стекнуваат и млекопроизводителите. Намаленото времетраењето на процесот на молзење, секојдневно им ослободува 3-4 работни часа на производителите. Ова време тие можат да го посветат на други активности во делот на подготовка и производство на добиточна храна, со што дополнително ќе можат да го унапредат своето производство и да генерираат повисоки приходи.

Покрај штедењето на работните часови, се намалува и потребата од тешка физичка работа во процесот на молзење и транспорт на млекото. На овој начин се ублажува проблемот со недостаток на работна сила преку привлекување на нови и задржување на старите работници.

Клучната придобивка од затворените системи за молзење се дополнителните приходи за млекопроизводителите коишто се директен резултат на подобрувањето на квалитетот и квантитетот на произведеното млеко. Во просек, кај секоја фарма со заменет систем на молзење од ѓумци во затворен (линиски) систем се очекувазголемување на годишните приходи за 51.836 денари.

Доколку се пресмета и паричната заштеда од намалената потреба за работна сила, се добива годишна заштеда од 155.000 денари (под претпоставка дека за просечна дневница од 1.000 денари по шталски работник). Имајќи предвид дека еден затворен систем за молзење на 20-25 грла чини околу 465,000 денари, целосната инвестиција се враќа за 2,2 години (доколку фармата користи платена работна рака за молзење). Сите дополнителни приходи и заштеди по истекот на тој период се чист профит за производителот.

Конечно, зголемувањето на рентабилност на производството секогаш отвора нови можности за инвестиции во нова технологија која дополнително може да придонесе за зголемување на продуктивноста на фармата.

Добрите кооперантски односи меѓу млекарниците и фармерите се клучни за млекопроизводството во земјата да има светлна иднина. Во моментов Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем работи со повеќе водечките компании од агросекторот (млекари) и тоа: Битолска млекара Битола (5 кооперанти), Лакталис Битола (2 кооперанти), Вемилк Битола (2 кооперанти), Суташ Скопје (2 кооперанти), Осогово Милк Соколарци (5 кооперанти), Екошар Тетово (2 кооперанти), Бучен Козјак Куманово (2 кооперанти) и Ѓоргиеви Радовиш (4 кооперанти).

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close