Подметнатите пожари ја променија сликата за Преспа, наместо зеленило, бујна пролетна вегетација- пепел и пустош. Денови и месеци се потребни додека не започне со расчистувањето на она што го остави огнот ; гламносани пространства со трска и дрвја, камења, гареж, уништени рибарски кајчиња, расфрлан инвентар.
Големите пожари што ја зафатија Преспа на крајот на март најголема штета направија во туристичките населби Отешево и Сирхан, како и дел од Националниот парк Галичица. Пожарот само за неколку дена зафати 300 хектари површина.
Надлежните се се’ посигурни дека пожарите се подметнати, дело на човечки фактор.
Сомнежите ги поткрепуваат и со бројки такашто лани цела година Противпожарната единица од Ресен имала 120 интервенции, а годинава само за првите три месеци 113, по што и отворено го поставуваат прашањето што се би можело да се случи на лето кога температурите значително ќе пораснат.
Потпалувачите не го поштедиле ниту Паркот на природата „Езерани“ кој е природно живеалиште на ретки птици.
„Езерани“ според Планот за управување, има појас на трска од 262 хектари. Трската се смета за прочистувач на водата, живеалиште и место за размножување на дивиот жив свет.
Мештаните од Преспанските села, не негираат дека палењето на стрништата и трската е како традиција во Преспа и еден од начините да се исчистат овоштарниците и бавчите, но ни повозрасните жители не паметат вакви пожари.
Стравуваат за своите имоти и за својата безбедност и со право бараат поголемо присуство на терен од надлежните инспекции и казни за пироманите.
-Грев е што палат, за природата, за дрвјата, за бавчите, за се. Штета се прави голема и може да дојде до куќите, вели жителка на Долно Перово.
-Како да ги наречам тие луѓе што палат оган без потреба, тие се без никава совест, се пожали друг жител.
-Животни има, се има, кајчиња изгореа, дрвја, евла има,тука е паркот „Езерани“,загрижени се мештаните од Долно Перово.
Пламените јазици се доближаа и до викенд населбата кај Сирхан.
-Цела Преспа во пламен. Гореше кај Отешево, Сирхан, прво трската околу езерото, а потоа ветрот го префрли огнот преку асфалтираниот пат и ја зафати шумата, се до Националниот парк Галичица. Останавме без струја, таму горе се запали и далековод, се пожали сопственик на вила во Сирхан.
Материјалната штета во заштитените подрачја допрва ќе се утврдува, зошто според надлежните огнот уништил 150 хектари шума на Галичица и 150 хектари трска во крајбрежјето. Допрва ќе се утврдуваат штетите во резерватот „Езерени“, кој е дел од проектот на УНДП и Швајцараската агенција за заштита на Преспанското езеро во кој се вложени 5 милиони долари.
Паркот на природата „Езерани“ е од исклучително значење затоа што му дава посебна вредност на целиот Преспански регион, токму со биодиверзитетот. Освен флората и фауната, тому живеат 216 видови птици, што е 66 проценти од сите птици во државата и 42 проценти од сите видови птици во Европа.
Ристе Илиевски, командир на Противпожарната единица од Ресен не памети вакви пожари во својата кариера.
-Досега ова не се случило, најверојатно е човечки фактор, но тоа е работа на МВР, вели Илиевски.
Градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски го свика Кризниот штаб откако пожари избувнаа на неколку локации кај Долно Дупени и Маркова Нога, Перово и Прељубје и побара енергични реакции од надлежните инспекции и полицијата, за откривање и казнување на сторителите.
-Сите расположливи средства на Општина Ресен беа активирани заедно со екипите на Националниот парк Галичица и со нивна помош беше спречена поголема катастрофа. Откако пожарите стивнаа формирани се екипи кои прават заштитни појаси околу жариштата, рече градоначалникот Гошаревски.
Како локална власт, според Гошаревски, општината веќе разговарала со институциите да се стави крај на таканаречената традиција на мештаните во пролет да ги палат трските и да го чистат ѓубрето од овоштарниците.
-Разговаравме со надлежните да излезат на терен и да направат истрага околу пожарите и време е да се стави крај на ваквите пожари, бидејќи јасно и гласно и претходно забранувавме да не се палат огнови. Сега бареме надлежните да делуваат и превентивно и репресивно, повика Гошаревски.
Поради појавата на шумски пожари, а врз основа на одредби од Законот за шумите Владата воведе забрана за движење во шума и шумско земјиште преку цел ден и цела ноќ. Забраната важи од 29 март и ќе трае сѐ до нејзино отповикување. Оваа забрана не важи за вработените во националните паркови и шуми.
Како што соопшти Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, за непочитување на оваа забрана на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра.
Анета Блажевска за Зелена берза