Прилепско Мало Коњари се дави во фекалии оти пречистителната станица не работи
Околу 600 жители реагираат на излевањето на отпадните води и фекалиите кои ги загрозуваат нивното здравје и околината. Револтирано протестираат и бараат решение.
Прилепското село Мало Коњари, речиси е предградие на Прилеп и е единственото во Прилепско кое има пречистителна станица за отпадните води, но таа во моментит не е во функција. Околу 600 жители реагираат на излевањето на отпадните води и фекалиите кои ги загрозуваат нивното здравје и околината. Револтирано протестираат и бараат решение.
Слободан Дичоски и Душан Ангелески, жители на Мало Коњари велат дека проблемот ескалирал последниот месец иако го имаат уште од есента.
-Сакаме да се реши проблемот. Овде има амбуланта, фудбалско игралиште, голем проток на луѓе, деца играат. Стравотно е да се гледаат тие глетки. Ние остануваме со нерешен проблем. Кога ќе затопли, неподносливо е да се помине, а не да се живее. Станува како езерце, децата влегуваат и ги вадат топките, вели Дичоски.
Дека е неподносливо да се живее потврдува и Душан Ангелески, жител на Мало Коњари.
-Не е од вчера, туку од есента. Беа одговорните, видоа. Го извадија моторот, да го поправаат, еден месец помина. А тука се амбулантата, фудбалското игралиште, децата се збираат, топката им паѓа во фекалии. Дали е ова 21 век? – револтирано вели Ангелески.
Николче Кукуноски, претседател на МЗ Мало Коњари објаснува дека канализациската мрежа и пречистителната станица се пуштени во употреба од октомври 2021 година. Но, проблемот ескалирал откако се расипал моторот на пречистителната станица. Градена е по тендер на Министерството за транспорт и врски, а со изведувачот уште нема технички прием. Дошле надлежните, го зеле моторот за поправка.
-Се соочуваме со крајно сериозен проблем – нефункционирање на пречистителната станица за канализационата мрежа. Од контактите со надлежните – правното лице изведувач, со Министерството за транспорт и врски кое го објави тендерот за пречистителната станица ни беше посочено дека гаранцијата за пречистителната станица била до крајот на овој месец. Во функција е пуштена во октомври 2021 година. Од она што ни беше посочено требало да има одредени изведби со кои е задолжен изведувачот според тендерот. Министерството заклучило дека има некои забелешки кои треба да се доработат. Но сѐ уште нема технички прием и ингеренциите се кај самиот изведувач. Сè додека не се направи технички прием кон Министерството, пречистителната станица и канализациската мрежа не можат да се префрлат во владеење од Министерството на прилепската локална самоуправа, а оттука на јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Констатирано е дека проблем бил моторот кој прегорел. Моторот е однесен на сервисирање, но еве околу две недели не е вратен. И сметам дека има можност за приклучоци само за околу 35 отсто од домаќинствата – објаснува Кукуноски.
Прилепски водовод е запознаен со проблемот и учествува да се реши иако чека официјално да добие одобрение за стопанисување со пречистителната станица и со канализациската мрежа во Мало Коњари. Игор Гулабоски, директор на ЈКП „Водовод и канализација“ уверува дека за еден месец проблемите ќе се решат.
– Проблемот е помеѓу изведувачот и Министерството за транспорт и врски. Министерството активно комуницира со нас. Сега веќе мислам дека се отстранети сите тие проблеми кои ние не ги знаеме и се надевам за многу брзо ќе биде преземањето на ингеренциите. Прво техничкиот прием, па од Министерството на прилепската локална самоуправа која со одлука на Совет треба да ни ги предаде ингеренциите над канализациската мрежа и пречистителната станица. Жителите прашуваат и мислам дека за околу еден месец проблемите ќе се решат и ќе биде во функција. Има можност за приклучоци за сите – вели Гулабоски.
Мало Коњари со околу 600 жители е речиси предградие на Прилеп. Има два откупни пункта за градинарски производи и еден за млеко.https://nezavisen.mk/