fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

 Проблематична година за производителите на цреши

Црешите иако се едни од најдоходовните овошни култури годинава имаат драстично намалени приноси и близнење што им ја урива цената

Секој земјоделец во потрагата по тоа што ќе одгледува, кога станува збор за повеќе годишни култури се ориентира врз основа на тоа дали ќе се бара на пазарот, колкава е продажната цена и колку раѓа односно колку е рентабилно производството за кое ќе се одлучи. Соочен со таквите прашања Михаило Кецојевиќ од Јосифово се одлучува да подигне насад под цреши.

Првиот на помала површина уште во 1996 година но со стари сорти, доста бујни и со голем раст што ги прави проблематични за берба од раната сорта Бурлак. Вториот насад му е подигнат во 2012 година со садници донесени од расадници во соседна Грција. Она што е многу важно поучен од претходното искуство новите сорти се на слабо бујни подлоги и со правилни агротехнички мерки се одржуваат многу ниски и се поедноставни за берба.

-Цреши имам на две ниви со вкупна површина од 3,5 хектари. Поновиот и поголем насад е со современи сорти и со нови технологии на производство кои достигнуваат 30 милиметри калибража на зрното и од 10 до 11 грама по плод што е доста барано и ценето на пазарот. Новите сорти на цреши бараат доста познавање на технологијата на одгледување, бараат посебна заштита од сипаница по листовите која се јавува како и заштита на плодот од црв но и посебна прихрана, кроење и слично. Иако сето тоа го запазивме оваа година сепак ќе ни биде катастрофална. Студениот бран проследен со снег после благовец односно некаде на почетокот на април заедно со ниските денвни температури и честите врнежи директно влијае на слабото опрашување. На ниски температури и врнежливо време пчелите не беа активни и многу слабо има врзано плодови. Проценка е дека годинава ќе има одвај еден тон по хектар а овие сорти даваат по 8 до 12 тона во нормалана и родна година убав квалитетен плод. Заради климатските фактори годинава и тоа што се роди во голем дел има близнење што кај црешите е проблем бидејќи веднаш ја урива класата и не се постигнуваат посакуваните цени. Според она што ни го кажуваат познавачите близнењето е реакција на растението за да фрли повеќе семки за да си го обезбеди опстанокот рече Михаило Кецојевиќ производител на цреши од Јосифово.

Она што најчесто е првиот впечаток по кој се одлучуваат многу овоштари да се зафатат со производство и одгледување на црешите е откупната цена. Годинава цените се движат од 100 до 150 денари за килограм а под 100 денари кога ќе паднат цените Кецојевиќ вели дека престанува со берби бидејќи не му се повеќе рентабилни. Освен слабиот квалитет и ниските приноси се поголем проблем за производителите на цреши станува и работната рака. Околу 25% од трошокот за килограм цреши отпаѓа на работната рака. Но иако скапа се потешко се наоѓа.

 

-Кај мене берат сите пензионери и пензионерки кои ги знам. Младите или имаат стабилна работа или се заминати па мораме да се снаоѓаме како знаеме бидејќи нема друг начин освен рачна берба која е и бавна додава Кецојевиќ.

Насадот кога ќе се погледне не наликува на стандарден насад под цреши каков што вообичаено сме навикнати да ги гледаме туку дрвата се со низок раст и црешите се сите на дофат на рака. Тајната освен во слабо бујните подлоги лежи и во мајсторијата на резидба. Иако искусен во кроењето сепак ангажира и експерт од Србија кој практикува финеси во резидбата како и летна резидба со што се зголемуваат приносите а секој килограм е важен за добрата профитабилноста на црешовиот насад.

З.Б.

Слични написи

Back to top button
Close