fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Професорот Димитриевски-Субвенциите растат, а се помалку грла добиток

Треба да се менува моделот на субвенционирање во земјоделството, односно, потребни се инвестиции и модернизација на земјоделството.

Во последно време сè почесто се зборува за промена на моделот на субвенционирање. Изминатите години се покажа дека субвенциите не ги дадоа посакуваните ефекти во однос на зголемување на засадените површини и количините на земјоделски производи. И покрај тоа што државата одвојува 180 милиони евра годишно по основ на субвенции, тие завршуваат во бунар без дно. Земјоделските експерти потврдуваат дека субвенциите изминатите години се користеа како приход за земјоделските семејства, односно, за покривање на основните животни потреби како што се храна, облека и сметки наместо за инвестиции во модернизација на процесите и примена на нови агротехнички методи, кои би ја зголемиле продуктивноста и би ја намалиле цената на производството. Според нив, постојниот модел на субвенционирање е повеќе популистички и нема развојна компонента.

– Анализата на податоците од 2014 до 2023 година за производството и капацитетите покажа дека и покрај тоа што субвенциите растат, бројот на хектари и бројот на грла добиток се намалуваат. Единствениот сектор кај кој субвенциите имале ефект, односно, кај кој има минимално зголемување е свињарството, додека, пак, кај овоштарството имаме стабилност на производството. Најголем дел од издвојувањата од Буџетот одат за директни плаќања – субвенции кои не се трошат за инвестиции и за развој на земјоделството, изјави за весникот ВЕЧЕР, Драги Димитриевски универзитетски професор.

Според него, овие пари што се даваат за директни плаќања во земјоделството треба да се пренаменат за инвестиции во земјоделството за да се зголемат производството, капацитетите, продуктивноста… Во спротивност, ваквиот модел на субвенционирање само го зголемува доходот на земјоделците, но не и производството.

– Кај нас, и покрај тоа што годишно се издвојуваат околу 180 милиони евра за субвенции, производството опаѓа. Потребно е да се зголеми процентот кој се одвојува за рурален развој. Треба да се менува моделот на субвенционирање во земјоделството, односно, потребни се инвестиции и модернизација на земјоделството. Со модернизација на процесите во земјоделството и со поголеми инвестиции во механизација ќе се намали и потребата од работна рака која е дефицитарна во земјоделството. Веќе во лозарството и во сточарството голем дел од процесите се механизирани. За набавка на механизација и добиток на земјоделците треба да се обезбеди финансиска поддршка од Програмата за рурален развој 50% – 50%, појаснува Димитриевски за ВЕЧЕР.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close