Производителите на домашна ракија побараа максимално можно одложување на плаќањето акциза

(Oвој напис е објавен на: May 23, 2019)

Мора што е можно подолго да се одложи плаќањето на акцизата за домашно произведена ракија, побараа производители од Тиквешко од претставниците на Царината на синоќешната средба во Кавадарци.

-Бараме одреден максимален период на одлагање, едукација и припрема. После тој период да се почне со минимален износ и за пет години да се достигне до 30 денари по литар, како што сега предвидува предлог законот. Да не се плаќа однапред акциза пред да се пушта ракијата во продажба, се изјаснија лозарите, производители на домашна ракија, пред претставниците од Сектор за акцизи при Царинска управа,  Весна Змајшек и Анастас  Маженковски.

Пратеникот Панчо Минов потсети дека во собраниска процедура е Законот за акцизи, кој предвидува ново задолжување на индивидуалните земјоделци производители на жесток  алкохол, триесет денари по литар. Се предвидува секој производител до количина од 2.500 литри да се пријави во Царина и да биде регистриран. Треба  да пријави количини на грозје кои планира да ги преработува во ракија и со какви садови. Кога ќе ја произведе, треба од Агенцијата за храна да добие потврда за квалитет за да може да се продава. После тоа поднесува барање за издавање на акцизни маркици, со барање во рок од 30 дена треба да се исплатат тие маркици.

-За разлика од другиот дел на законот каде секоја друга акцизна стока се плаќа со пуштањето во промет на акцизното подрачје, во случајов тие 30 денари треба однапред да се платат по пријавените количини. Мојот амандман беше во две работи. Триесетте денари како акциза и обврската за подигањето на маркици да се одложи до нашиот прием во ЕУ. Два пати беше на матична комисија за европски прашања потврдено, законодавно правната комисија не го прифати тоа и сега треба да оди на пленарна седница и Собранието да се произнесе. Според Министерството за финансии и Царината, причините за да се уреди ова поблематика се, да нема сива економија и да се добие семеен бренд кој слободно ќе може да се продава. Во спротивно, ракијата би се одземала и би следувал прекршок, плаќање по околу 160 денари за литар ракија. Мојата замисла беше дека сите овие работи држат, но во средбите со лозарите,  со градоначалникот и други пратеници, констатирав дека за производителите секоја давачка е непопуларна, рече Минов, осврнувајќи се на долгогодишните состојби со неорганизираниот и несигурен пласман  на винското грозје, ниските откупни цени на грозјето, па затоа се луѓето принудени да печат ракија.

Во такви услови, нагласи, секоја давачка би била ново оптоварување.

-Целта ми беше  и се прифати тоа, да се регистрирате и да стекните право без поблем да продавате ракија, а акцизите и маркиците да одложат до членството во ЕУ. Но Царина кажа дека нелогично било да се регистрираш, а да не плаќаш, рече Минов, нагласувајќи дека ваквите средби се добри оти тие се пример за учеството на  граѓаните змејоделци  во одлучувањето на парламентот. Целта е да се инајде зедничко решение.
Да се овозможи да има пазар, тоа според градоначалникот Митко Јанчев  е многу важно.

​-Ако направиме легитимна регистрација на сите производители  на ракија и добијат сертификат за квалитет кој го заслужуваат, ако добијат маркица и бар код,  тоа им дава можност да продаваат ракија насекаде каде се има лиценца за продавање на алкохолни пијалоци. Тоа мора да го правиме бидејќи имам еден податок дека сме држава со најмалку развиен домашен алкохол. Други држави  имаат поголем број на брендови на алкохолни појалоци. Ако се направи бренд кој ќе се продава,  акцизата нема да биде проблем. Тие пари колку што чини акцизата, сега се даваат за да се однесе ракија до одредена  дестинација. Оптимист сум дека можат да се изградат брендови, категоричен беше Јанчев.

​Маженковски информираше дека во изминатиот период поминале четири региони во државата. Ги собрале искуствата од луѓето. Прво, тие кажале дека печат  ракија бидејќи не можеле да го продадат грозјето. Соопшти дека ги задржале одредбите  од стариот закон кој вели дека дома повторно ќе може да се печат 500 литри ракија без да се продава,  за сопствени потреби.

​-Основната работа на државата не е да собере пари. Напротив, малку се парите што државата ќе ги собере. Има цигари, нафта. Државата од други места може да собира пари. Но, сегментот на домашна ракија за која знаеме каде се движи, мораше да се стави во нормални  рамки. Да не се крие, пушта по автобуси, па некој да изгори. Баравме модус како сето тоа легално да го спроведете и да не се плашите од прекршоци. Ниската акциза, доволната количина, се двата постулата врз основа на што е барана законската одредба. Отидовме во парламентот и добивме сугестии да се даде преоден период и за тиа мали износи, рече Маженковски.

Оновната работа  е,  нагласи, да се излезе од анонимноста.

-Идејата е, да ја дефинираме веќе чија  е ракијата. Тој што произведува добра ракија треба да биде горд на тоа и таа треба да си најде пласман. А ќе најде пласман ако легално ја донесеш и си ставил етикета. За тој што ја пие, да не се секира и да биде сигурен дека пие здрава ракија. Сега сме во сива зона. Понудата што е направена со законот е многу позитивна, мислам дека треба да ја разгледаме уште еднаш. Да ги видиме вашите аргументи и да најдеме солуција. Идејата е да почнете да се спремате, за еден ден кога ќе влеземе во ЕУ, да не се најдеме затечени. Искуството од дуги земји кажува дека производителите во даден момент излегуваат на улица и штрајкуваат. Ние не сакаме да имаме такви работи, ако сме спремни тоа да го направиме повеќе години пред тој влез во Унијата. Направивме еден исчекор за да се подготвиме. Колку подолг период на адаптација ќе имаме на овие правила, толку ќе ни бидат подобри позициите во делот да ги зачуваме одредбите, доколку влеземе  во европското семејство.

Одожувањето на овие работи, е, додаде, најлошата работа што може да ни се случи.

-За тоа колку треба да биде износот и како треба да се прилагодиме, можеме да разговараме. Царинската Управа никогаш не била отворена како сега, рече тој, осврнувајќи се и на опцијата за мала дестилерија, за оние кои ќе произведат повеќе ракија и ќе ја чуваат подолго време во буриња, а ќе платат акциза кога ќе ја пуштат во промет.

-Да се излезе од сивилото. Легално без криење да се продава, производителите на добра ракија да не бидат анонимни, туку да имат бренд и да излезат на виделина. Таа е идејата за законот, дециден беше Маженковски.

​Според Горан Јаковлевски, производител на вино и ракија и претседател на новото здружение „Тиквешки семејни винарии”, има и такви производители на ракија  кои сакаат да се регистрираат како производители, или мали семејни дестилерии, но и такви кои сметаат дека измените на законот за акцизи треба да се пролонгираат до извесен законски период, прво да се даде шанса за регистрација на семејни капацитети, а потоа етапно да може да се воведе акциза.

-Свесен сум дека барањето акциза носи и бенефит. Сега, маржата наша ја земаат прпродавачите на црно кои ни ја продаваат ракијата под рака, кои ја земаат од нас а ја продаваат поскапо. Тие ризикуваат за добра маржа. Треба да бидеме свесни дека ракија во туби  како кај нас, ретко се продава во светот, Во други земји на мени има најмалку 15 ракии, кај нас две. Оние кои сакаат да се регистрираат, сметаат дека ќе може и да извезуваат, изјави Јаковлевски.

​Горан Димов рече дека проблемот со правење ракија е 20 години поради минималната цена на грозјето. Тој рече дека и етикетите и   други трошоци дополнително би ги оптовариле производителите.Зоранчо Пешков , секретар од Здружението “Напредни лозари” исто така се изјасни да се одложи акцизата што е можно повеќе, барем некоја година,  а во меѓувреме едукација па слободно да се продава, а не како сега со криење и казна ако е откриена. Кога ќе се стартува, да биде со минимални десет денари. А маркиците да се земат, како што ќе оди продажбата, а не наеднаш за целата произведена количина. Ристо Јанчев побара одложување, се дури не влеземе во ЕУ.

-Со влезот, се надеваме дека многу работи ќе се средат. Дека ќе се покачи цената на грозјето и ќе се издвојат оние кои сакаат да произведуваат ракија и да плаќаат акциза, нагласи тој, а се осврна и на трошоците за вода, препарати за заштита на грозјето и слично.

​На крај градоначалникот Јанчев рече дека многу е добро кога има соработка со институциите. Даде и конкретен предлог.

​-Немојте да чекате цената на грозјето да се покачи дома седејќи, нема шанси. Ако седиме дома, цената на грозјето никој нема да ја покачи. А и само ако штрајкуваме, пак нема да се покачи. Мора да се делува. Индивидуално и колективно, ама да бараме и пласман. Наша обврска е, ние го произведуваме тоа. Имам предлог општина Кавадарци во нејзините можности, јас како градоначалник тоа ќе го иницирам до Совет, да направи тим. Секој што ќе биде заинтересиран индивидуално да се регистрира и регуларно да продава ракија, бесплатно да му се изготви  дизајнот на етикета, дизајн на бренд, тоа со наши менаџери и ит технологии, да се даде како субвенција, за да стане регистриран производител на ракија. Второ, државата, на секој што ќе се регистрира и сака  да плаќа минимален износ на ракијата, да му даде субвенција некоја, еднократна или подолгорочна, во делот на опрема за преработка на грозје или флаширање и слично. Трето, тие што не сакаат да се регистрираат, законот да се одложи,  со можност за максимално негово одлагање. Кога ќе влеземе во ЕУ општината нема да може да помага за дизајн, државата нема да може да субвенционира, тогаш ќе има европски закони. Сега е можноста да изградиме  бренд. А јас  сум сигурен дека можеме да изградиме наши брендови. Се почнува шише по шише, не се почнува со камион. Тоа е нормална работа. Би ја спомнал тука и едукацијата, а конкуренцијата  ќе ја зголеми и цената на грозјето, дециден беше градоначалникот.

извор: Сител