Производителите на слива излегоа на протест: Владата во најкусо време да најде решение, ова не се издржува, ќе капитулираме
Производителите на сливи денес протестираа пред општинската зграда во Делчево барајќи надлежните институции да го решат проблемот со откупот на свежата слива, но и со индустриската. Велат доколку владата и ресорното министерство не најдат во најкусо време соодветно решение, овоштарите ќе капитулираат финансиски. Сепак посочуваат дека нема да се предадат и ги оставаат отворени сите опции за евентуална радикализација на протестите.
-Ова е последен апел до владата да преземат мерки, не само со овие стимулативни што денес најавуваат дека ќе ги донесат на владата, тие не се доволни. Ние бараме свежата слива да биде откупувана по 10 денари плус три денари, а индустриската да биде по седум денари. Останува владата да го реши случајот бидејќи ние не сме моќни сами. Ако не се случи ќе мора да радикализираме, да блокираме патишта или слично, вели еден од производителите.
-Оваа состојба апсолутно не се издржува бидејќи минатите две години производители од беровскиот и делчевскио регион беа погодени од мразовите и студовите. Оваа година кога има голем род, тој останува на нивите, едноставно финансиите кои се инвестирани во производството не можат да се вратат, а камоли нешто да се заработи. Апелираме да се посвети внимание од ресорното министерство, да се преземат некои кризни мерки кои на овие луѓе ќе им обезбеди барем она што е инвестирано. Треба и за идните години да се планира убаво однапред целото производство, но и пласманот. Цели семејства егзистираат од ова. Сите опции се отворени, ние мораме да си го обезбедиме своето право, вели Кирчо Анастасов.
Атанас Ангеловски кој има произведено 300 тони сливи вели дека со цената која им се нуди не можат ниту вложените пари да си ги вратат.
-300 тони да произведеш треба и работа и финасии. Три години по ред мразови, сега и оваа ситуација. Сега ако не ја продадеме сливата до година нема ниту што да работиме. Тоа е, посочува Ангеловски.
-Решение немаме доколку не ни излезат во пресрет состојбата ќе биде многу лоша. Контактиравме со купците ни викаат нема извоз проблемот е во извозот и затоа не можат да ни ја купат сливата, вели Митревски Благојчо, земјоделец од село Град.
-Мислам дека владата треба да обрне внимание на нашиот крај, ние мора да најдеме начин да ја продадеме сливата, ние бараме помош од владата за да не остане сливата на нива. Не информираа денеска дека на седница на владата ќе донесат одлука за минимална цена од 5 денари од килограм, а максималната од 8 денари по килограм, но таа цена нема да не задоволи, додававаат земјоделците.
Освен во делчевско, без откуп ќе останат и околу 4 илјади тони сливи од Берово и Пехчево, а како што велат производителите пласманот годинава е лош не само за сливата туку и за вишните од кои 1.000 тони воопшто не се собрале од нивите.