fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Македонија се храни од туѓи ниви

Како дојдовме до ситуација лебот, млекото и водата да ги увезуваме од 119 земји, а домашните полиња да останат празни? Дали Македонија се откажа од својата плодна земја?

Цените на основните прехранбени производи во Македонија последната деценија вртоглаво пораснаа. Лебот, доматите и млекото, кои пред десет години можеа да се купат за дваесетина денари, денес чинат двојно, па и тројно повеќе. Потрошувачката кошничка, според синдикалните пресметки, во февруари годинава достигна 63.773 денари, што е зголемување од околу сто евра во однос на истиот месец лани, објави https://samoprasaj.mk/

Паралелно со растот на цените, Македонија сè повеќе зависи од увозна храна. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, вели дека земјата одамна го изгубила епитетот земјоделска нација. Според него, речиси е преполовено домашното производство на храна во споредба со порано.

Податоците го потврдуваат тоа. Според Државниот завод за статистика и Министерството за земјоделство, во 2014 година Македонија увезла 676 милиони килограми храна и живи животни. До 2024 година, таа бројка пораснала на речиси 785 милиони килограми. Во просек, потребата за увоз се зголемувала за повеќе од 10.832 тони годишно.

Зголемувањето на увезената количина повлекло и раст на трошоците. Ако во 2014 година за увоз на храна биле потрошени 517,8 милиони евра, во 2024 оваа сума надминала 1,067 милијарди евра. Разликата од околу 550 милиони евра се покрива од џебовите на граѓаните, и тоа во период кога популацијата се намалува: според пописите, Македонија за десет години изгубила 185.000 жители.

Лани земјава увезувала храна од 119 различни држави. Најголем увозник е Србија, од каде што пристигнале 393.000 тони храна за кои биле платени над 287 милиони евра. Веднаш зад неа е Украина, која и покрај војната обезбедила 47.000 тони храна за македонскиот пазар, за сума од речиси 39 милиони евра. Меѓу десетте најголеми добавувачи се и Грција, Босна и Херцеговина, Турција, Германија, Косово, Албанија и Полска, а меѓу најдалечните е Аргентина, од каде што пристигнале 34.000 тони земјоделски производи.

Македонија увезува храна дури и од егзотични и далечни земји како Тајланд, Еквадор, Парагвај, Виетнам, Малезија, Уганда, Гватемала, Брегот на Слоновата Коска, Гана, Танзанија, Фокландските Острови и Тринидад и Тобаго.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова Дејановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close