Суровото млеко ќе се продава во млекомати, а сирењата на нашите баби во маркетите

(Oвој напис е објавен на: June 24, 2019)

Во маркетите ќе може да купуваме традиционално производи произведени по рецепт на нашите баби, а новини се предвидени и во делот на производството на сурово млеко кое ќе може да го стави во промет преку продажба во млекомати. Исто така, регулирано ќе биде и ставањето во промет на месото од дивеч, како и производството и продажбата на консумна риба, производите од месо, мед, консумни јајца..

 

Наскоро индивидуалните земјоделски производители ќе можат легално да ги продаваат своите производи во маркетите. При тоа, ќе бидат загарантирани барањата за безбедност на храната, но и ќе се заштити традиционалното производство на храна од животинско производство. Ова ќе се овозможи со новиот правилник за производство и ставање во промет на храна од животинско потекло наменета за директно снабдување, локализирана активност и за примена на традиционалните методи на производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики.

При тоа, како што информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство со овој правилник ќе се обезбеди поддршка и развој на малите производители на храна од животинско потекло без да се доведува во прашање безбедноста на храната и нејзините традиционални карактеристики.

Во новиот правилник, кој е во владина процедура се земени предвид сите предлози и забелешки кои до Агенцијата ги доставија производителите, кои во најголемиот дел работат во руралните средини и произведуваат храна во помал обем и во посебни производствени услови. Исто така, предвид се земени  и досегашни искуства во оваа област, како и искуствата на земјите од регионот и европските земји.

Сашко Арсов, раководител на Секторот за ветеринарно јавно здравство, вели дека истиот предвидува и новини кои досега не беа дефинирани со постојните под законски акти кои се однесуваат на директното снабдување и на традиционалното производство.

– Новини се предвидени во делот на производството на сурово млеко кое со овој под законски акт примарниот производител ќе може да го стави во промет преку продажба во млеко мати. Во делот кој го регулира колењето на животни на фармите исто така има новини. За оваа активност на фармите, одгледувачот на животни ќе може да користи услуга од мали мобилни кланици кои ќе треба да бидат одобрени од АХВ, а регулирано ќе биде и ставањето во промет на месото од дивеч, кое ќе може да се обработи во мали објекти за таа намена, кои ги исполнуваат минималните барања за безбедност на храната. Се до уредува и делот кој се однесува на производство и продажба на консумна риба, производите од месо, медот, консумните јајца, појасни Арсов.

Професор Слободан Чокревски од Факултетот за ветеринарна медицина, вели дека кога станува збор за традиционалното производство и директното снабдување непосредно од фармите и развиените европски земји имаат направено олеснување на законските услови со цел создавање фер услови за производство и продажба на производите на малите производители. Овој подзаконски акт според него, претставува солидна основа за заштита на уникатноста, географското потекло и идното брендирање на производите кои имаат традиционални карактеристики.

Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на фармери истакна дека со изготвувањето на правилникот за продажба на производите на индивидуалните земјоделци ќе се поттикне развојот на земјоделството, руралниот развој и јакнење на капацитетите во делот на развој на иновативни технологии за подобро производство.

Во поглед на означувањето на производите од животинско потекло наменети за директно снабдување, производителот ќе има обврска на ваквите производи да стави основно означување за потеклото, производителот, рокот и начинот на чување, со цел да се воспостави лесна следливост на производите

извор: вечерпрес