fbpx
Вести

Публикувана првата детална почвена карта на Македонија

По интензивна повеќегодишна работа, деновиве беше промовирана првата детална почвена карта на Република Македонија во размер 1 : 50 000. Станува збор за 61 секција која ги опфаќа сите подрачја на државата, како и една прегледна ѕидна карта во размер 1 : 200 000. Воедно, покрај картите, воспоставен е и ГИС портал за почвите во Република Македонија, со навистина голем број на содржини. Картите и ГИС порталот се дел од големиот проект за создавање на софистициран Македонски почвен информативен систем (МАПИС) кој е финансиран од страна на ФАО, а помогнат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија. По повод завршетокот на проектот, на 20.11.2015 година, во свечената сала на министерството, во присуство на Министерот Михаил Цветков, учесниците во проектот, претставникот на ФАО Роналд Варгас и заинтересираните страни, се одржа свечена промоција на резултатите. Притоа се нагласи огромната важност на изработените карти во печатена и дигитална верзија, кои ќе бидат основа за неопходното агроеколошко реонирање на Македонија, но и за многу други активности поврзани со користењето на почвените ресурси.

pocvena_karta

 

Инаку, основата за изготвување на картите е создавана со децениската работа на повеќе генерации педолози кои ги истражуваа почвите во Македонија. Целата работа се состоеше од повеќе фази, а некои од нив беа навистина доста сложени. Првин е извршено собирање на сите расположиви почвени работни карти од разни истражувања, како и податоци за неколку илјади почвени проби и профили. Потоа е изведено склопување, составување, референцирање на работните карти и дигитализација на педолошката содржина од нив. Понатаму е направена солидна топографска подлога преку која е ставена почвената содржина, составена е соодветна легенда со дополнителни картографски елементи. Сето тоа е внесено во ArcGIS софтвер, а со посебна помош и поддршка на фирмата ГИСДАТА од Скопје, содржините беа поставени на соодветна ГИС-веб платформа целосно достапна за јавноста. Во меѓувреме, од експертите-педолози беа изработени 10 толкувачи за исто толку групи на карти и еден толкувач за цела Македонија. Печатењето на хартиените верзии на картите и толкувачите го изврши фирмата Тримакс картографија од Скопје.

pedoloska_karta

Добиените почвени карти и ГИС порталот (како дел од МАПИС) е само почетна основа, бидејќи овој систем треба постојано да се надополнува и ажурира со нови податоци, за да биде актуелен. Според претставникот од ФАО, дури и во сегашната „почетна“ форма, истиот е меѓу најсофистицираните во Европа и нуди огромен број на информации. Така, на порталот има разни леери-слоеви поврзани со својствата на почвите, административните граници, ортофото снимки, 3Д релјефна основа, состојба со ерозијата, мерење на растојанија, површини, пребарувања и сл.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close