Путер, виршли, сокчиња за деца и сладоледи, дел од производите повлечени поради небезбедност
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски тврди дека јадеме безбедна храна.
Виршли, сокчиња за деца, суви смокви, сладоледи, ѓумбир во прав, путер, минерална вода со додатоци и адитиви за пекарската индустрија, се само некои од производите коишто минатата година биле повлечени од домашниот пазар како небезбедни.
Според Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во јануари годинава нема уништена или вратена увезена храна поради небезбедност. Извршени се 4 808 инспекциски надзори од кои редовни 2 474, контролни 306 и вонредни 2 028. Исконтролирани се 3 269 пратки на увезена храна од неживотинско потекло. Вкупно се изречени 369 инспекциски мерки од кои три прекршочни пријави, 312 решенија, 27 едукации и исто толку покани за порамнување со прекршочен платен налог. Спроведени се и 1.094 контроли за пратки од увоз и 322 за пратки во транзит.
Овој месец беа повлечени од продажба чипс од Косово и органско какао од Холандија. Како што објави Агенцијата на 14 февруари, какаото не било пуштено во продажба, ниту дистрибуирано до крајните потрошувачи, но во него била утврдена количина на кадмиум над дозволената, додека чипсот бил достапен на пазарот и во него било детектирано присуство на акриламид.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски тврди дека јадеме безбедна храна. Ништо, вели, не се остава на случајност. Пазарот се следи постојано и се реагира согласно меѓународните стандарди.