Состојбите во македонското земјоделство, субвенциите и конкуренцијата на европскиот пазар, малите, расцепкани парцели и руралниот развој, се само некои од темите на кои се осврнува Владимир Ракхманин, помошник-генерален директор на ФАО и Одговорно лице за Регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија во интервју за МИА.
Ракхманин зборува и за климатските промени и производството на храна, укажува на потребата од иновации и дигитализација, од совремнена опрема и квалитетни советодавни услуги за земјоделците.
Македонија, вели, е на вистинскиот пат, но, потребно е уште многу работа.
Г-не Ракхманин, дали можете да дадете генерална оценка за состојбата во македонското земјоделство, да ги посочите клучните слабости и да сугерирате каде треба најмногу да работиме, на што да се фокусираме?
Исто како и во многу други земји во регионот, структурата на земјоделските стопанства во Македонија ја доминираат малите земјоделци и семејните фарми: 89 проценти од фармите се помали од три хектари, според студијата на ФАО, која наскоро ќе биде објавена. Секоја фарма, исто така е расцепкана на неколку мали и просторно оддалечени парцели, што ја намалува продуктивноста и конкурентноста.
За решавање на овие структурни проблеми во земјоделството, ФАО во моментов ја поддржува консолидацијата на земјоделското земјиште преку проектот МАИНЛАНД финансиран од Европската Унија. Споменатата студија на ФАО за потребите и ограничувањата со кои се соочуваат малите земјоделци и семејните фарми, исто така укажува на потребата од воведување на современи производствени технологии и опрема, подобрување на формалните врски помеѓу земјоделците, преработувачите и пазарите, како и зајакнување на советодавните услуги за земјоделците.
Во дигиталната ера, малите стопанственици и семејните фармери во Македонија имаат потреба од постојана иновација, и за тоа потребна им е подобра поддршка преку зајакнати, инклузивни и плуралистички советодавни услуги во руралните средини, со подобрена врска до истражувањата и образовниот систем во земјоделството.
Како експерт, сметате ли дека со државната помош од над 130 милиони евра годишно може да се поттикне развој и модернизација или, пак, оваа мерка е повеќе социјална?
Позитивно и важно е што земјите од регионот финансиски го поддржуваат земјоделскиот раст и руралниот развој, земајќи ги предвид социјалните аспекти. Во овој контекст, ФАО препорачува повеќе да се стави фокус на иницијативите за поддршка и развој кои помагаат да се зголеми конкурентноста на земјоделскиот сектор во целина, преку подобрување на условите за работа на земјоделците и зголемување на нивниот пристап до знаење, што води кон креирање на работни места и воспоставување на појаки советодавни системи.
Дали нашето земјоделско производство ќе може да се справи со конкуренцијата на европскиот пазар, со оглед дека сме претенденти за членство во Европската Унија? Кои од македонските производи во оваа смисла предничат, а кои се „проблематични”?
Слободната трговија е од корист за земјата ако се фокусира на производство во области каде што има компаративна предност. Преку пристапувањето во Европската Унија, Република Македонија ќе има пристап на огромниот европски пазар – но, исто така и ќе се соочи со силна конкуренција од земјите членки на Европската Унија.
Главните македонски агро-извозни производи се свежо и преработено овошје и зеленчук, кои сочинуваат повеќе од 30 отсто од вкупниот извоз на земјоделски производи, заедно со тутун (над 20 проценти), зрна и пијалоци. Преработката на храна и пијалоци се исто така значајни сектори, при што повеќе од 75 проценти од преработената храна се извезува, главно во Европската Унија и соседните земји. Производите од трудово интензивните потсектори имаат подобри шанси на странските пазари, како и производите (особено органските) со локален карактер.
Честопати тешко е малите и значајно расцепкани семејни фарми во Македонија да ги исполнат меѓународните стандарди за квалитет и маркетинг. За надминување на овие недостатоци, ФАО ќе работи со Владата на воведување на современи технологии и опрема за производство и на поттикнување на развојот на пазарот.
Ако се направи споредба, како би котирало македонското земјоделство во споредба со агро-секторите во другите земји членки на Обединетите нации?
Освен европскиот пазар, македонските производи имаат потенцијал за пристап до други поголеми пазари, како што се Соединетите Американски Држави и Кина, каде што постои голема побарувачка за земјоделски производи со голема додадена вредност, како што се млечни производи, преработена храна и пијалоци. Решавањето на главните пречки за продуктивноста и конкурентноста ќе обезбеди солидна основа за понатамошен развој на овие сектори.
ФАО посебно ги актуелизира прашањата за климатските промени кои се една од посериозните закани за производството на храна во светски рамки, ги фаворизира, им дава предност на жените-фармери и младите земјоделци. Одговара ли Македонија соодветно на овие „предизвици“?
Откако Република Македонија стана потписник на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, може да пристапи до одредени ресурси, како што е финансискиот механизам на Конвенцијата – Глобалниот Еколошки Фонд, како и Зелен климатски фонд. Во наредните месеци, ФАО ќе продолжи да работи со Владата за да се подготви земјата за искористување на средства од Фондовите за климатски инвестиции и справување со климатските промени.
Покрај тоа, ФАО ја поддржува Владата во подобрување на системите за следење на климатските и временските услови, што ќе им овозможи на земјоделците пристап до корисни агро-климатски информации. Нови наставни програми поврзани со климатските промени се во развој за потребите на советодавните служби и средните земјоделски училишта. ФАО, исто така, помага при воведување на одржливи земјоделски практики, како и воведување на интервенции, кои го штитат еко-системот, за намалување на природните катастрофи, како што се поплави, лизгање на земјиште, суши и други екстремни настани поврзани со климатските промени.
Родови нееднаквости и понатаму се застапени во руралните средини на земјата. Тие вклучуваат многу ниски стапки на вработеност кај жените, постојан родов јаз во платите и ограничен пристап и контрола на жените врз сопственоста на земјоделското земјиште, финансиските ресурси, информациите и советодавните услуги. Жените – особено младите жени – ги напуштаат руралните области делумно заради овие родови предизвици.
Владата е свесна за тоа и препознава дека еднакви можности за жените и мажите се од суштинско значење за одржлив развој во руралните средини. Затоа, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го потенцира пристапот на жените до финансиски средства, особено за младите жени, како и подобрување на нивниот пристап до донесување на одлуки.
Република Македонија е на вистинскиот пат и ние сме спремни да ја поддржиме во наредокот, сепак, потребно е уште многу работа. На пример, заложбите на ФАО за консолидација на земјоделското земјиште, се во рамки на Доброволните насоки за одговорно управување со сопственоста и другите стварни права со земјиштето, риболовот и шумите, при што родовата еднаквост се става во центарот. Ние, исто така сме подготвени да се приклучиме кон напорите на другите агенции на Обединетите нации кои работат во земјата, за да поттикнеме развој во оваа област.
Г-дин Ракхманин, проблемот со производство на храна, генерално, се чини, станува поголем. Како Македонија, која често се нарекува „земјоделска земја” да ги зачува своите природна ресурси (почва, вода) и да ги направи системите за храна поодржливи?
Јасно е дека во денешно време да се одговори на глобалните заложби за одржливост, потребно е да направиме голем премин – од секторски пристап кон холистички пристап на сложени системи на храна во земјоделството. Ова ги зема предвид еколошките трошоци за производство, преработка и следливост од фарма до вилушка, истовремено адресирајќи ги проблемите со загубата на храната и отпадот од храна. За таа цел, Република Македонија треба да започне што е можно поскоро со трансформација кон одржливи системи за храна, преку зголемени капацитети за иновации, вклучувајќи и дигитализација. Примена на интервенции базирани на заштита на еко-системот, исто така, ја намалува потребата од надворешни суровини и ги возобновува природните ресурси на кои се потпира производството.
За таа цел, ФАО ги утврди заедничките приоритетни области со Владата во Програмската рамка за земјата за 2018 – 2020 година. Ова го поддржува постигнувањето на Глобалните цели за одржлив развој преку одржливо управување со природните ресурси и ублажувањето на и адаптација кон климатските промени. ФАО особено се фокусира на водата, помагајќи да се подобри подготвеноста за поплави и екстремни климатски појави во земјоделскиот сектор и да се подготви Национална стратегија за развој на системите за управување со водата во земјоделството, вклучително и за наводнување , одводнување и заштита од поплави. ФАО, исто така, ги поддржува напорите на земјата да се спроведе национална инвентаризација на шумите и да се преземат понатамошни чекори за одржливо управување со шумските ресурси.
Би се навратила на поддршката што ја дава ФАО, и експертска и финансиска. Можетели поконкретно да ни кажете каде се сте интервенирале досега, во кои сегменти на македонското земјоделство, и цените ли дека земјата ги следи/применува успешните примери, меѓународни практики и стручни препораки?
Во последниве години, ФАО поддржа широк спектар на развојни проекти поврзани со храната и земјоделството во области како што се консолидација на земјоделско земјиште, адаптација кон климатските промени, шумарство и развој на вредносни синџири.
Го мапираме потенцијалот на земјоделството во различни региони на земјата, ги проценуваме капацитетите и потребите од информации кај локалните советодавни служби.
Во рамки на техничката развојна помош, целта на Организацијата е усвојување на меѓународни добри практики кои се прилагодени на локалните околности.
Со донесувањето на Агендата 2030 и 17-те цели за одржлив развој во 2015 година, земјите и меѓународните организации како ФАО, мораа да ја преиспитаат својата вообичаена практика и да се прилагодат кон поинтегрирани и меѓу-секторски пристапи во своите развојни активности.
На 11 јули се потпиша новата Рамковна програма за Македонија. На што конкретно се однесува и што предвидува?
Новата Рамковна служи како основен документ за нашата соработка со земјата во наредните три години. Ова е навистина заеднички документ, развиен по интензивни консултации со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и другите партнери.
Заедно се согласивме за три приоритетни области: зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство, подобрување на животот во руралните средини преку одржлив рурален развој, како и одржливо управување со природните ресурси и ублажување на и адаптирање кон климатските промени.
Дополнително на темите за кои веќе разговаравме, овие области ќе покријат разновидни активности, вклучително и понатамошно подобрување на правната рамката за управување со земјиштето; подобрување на стандардите за безбедност на храна, квалитет и маркетинг во секторите за месо и млечни производи, подобро интегрирање на земјоделците во вредносните синџирите на производство на храна; и намалување на загубата на храна и отпадот од храна.
За да придонесе за унапредување на руралните области, ФАО ќе понуди техничка помош за претстојните реформи на Советодавниот систем, за Интегриран развој на локалните заедници, вклучувајќи ја и диверзификација на приходите на жените, мажите и младите во руралните средини, за да се намали миграцијата.
Извор: Миа.мк