fbpx
Вести

Македонија меѓу најризичните земји за загуби на вода во земјоделството

Македонија е меѓу земјите со најголем ризик од недостиг од вода во земјоделството до 2020, 2030 и 2040 година, покажува најновиот извештај на ФАО за Европа и Централна Азија (ЕЦА). Во групата држави со екстремно високи проекции за загуби на вода, над 80 отсто, покрај Македонија, се и Казахстан, Киргистан, Ерменија, Туркменистан и Азербејџан.

Според анализата на ФАО, Македонија е меѓу земјите во ЈИЕ склони кон суши. Најранливо е Повардарјето, особено регионите на Црна, Брегалница и Вардар. Седум отсто од вкупната популација живее на деградирано земјиште. Во периодот 1997 – 2017 година се случиле 23 елементарни непогоди што зафатиле 1.281.548 лица, а штетите од економски аспект достигнале 409 милиони долари.

Од 2,5 милиони хектари колку што е вкупната територија на Македонија, 50,1 проценти се земјоделско земјиште од кое 32,8 отсто се обработливи површини. Под трајни, постојани култури, е три отсто од земјоделското земјиште, а на ливади и пасишта отпаѓаат 64,2 отсто.

ФАО во препораката за целиот регион сугерира одржливи интензивни практики не само за поголема продуктивност и приходи, туку и за заштита на природните ресурси од кои зависи производството. Притоа, мора да се води сметка за т.н. екосистем-пристап. Како што стои во извештајот, нужна е усогласеност на националната политика и законодавството, како и секторско планирање (животна средина, земјоделство, безбедност на храна, управување со природни ресурси, рурален развој). Сето ова, пак, треба, наведува ФАО, да се интегрира во заедничка рамка за одржлив развој.
Според ФАО, намалувањето на загубите на храна и отпадот може многу да придонесе за задоволување на потребите на храна во иднина и за зачувување на ограничените природни ресурси.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close