Рамазан-бајрам одраз на вековниот мултирелигиски соживот
Бајрам е исто така повод за да се потсети на сиромашните, децата без родители и на осамените.
Верниците од муслиманска вероисповед во земјава, в четврток, на 13 мај годинава, го слават Рамазан-бајрам, еден од најголемите празници во исламот.
Празникот се слави еден месец откако муслиманите постеа, односно не јадеа и не пиеја ништо од изгрејсонце до зајдисонце.
Рамазан е деветтиот месец во исламскиот календар, а наедно е и месец на почетокот на објавата на светата книга за муслиманите Куранот.
За празникот се испраќаат пораки со солидарност и изрази на морална помош. Бајрам е исто така повод за да се потсети на сиромашните, децата без родители и на осамените. Тоа, според познавачите на исламот, е должност на секој муслиман за Бајрам.
Традиција на соживот
Муслиманите го слават овој ден, а христијаните, пак, ќе изразуваат почит кон своите соседи и сограѓани. Тоа е потврда за македонскиот мултирелигиски соживот, кој има длабоки корени во земјава, но токму за време на празниците тој е и најмногу видлив.
Традицијата на почит на едни кон други во земјата, без разлика на религијата и без разлика на опкружувањето, е нешто што ќе се покаже преку оние што имаат свои блиски пријатели муслимани, кои ќе ги посетат за празникот, но сега поради пандемијата повеќето од нив ќе разменат честитки преку телефон, но и преку социјалните мрежи.
Токму таква е и улогата на Исламската верска заедница во земјава, која има големо значење во развивањето на меѓуверскиот дијалог и соживот во земјата, за нејзиното афирмирање како држава богата со различни културни вредности.
Самиот ден кога се слави Бајрам започнува со Рамазан-бајрамската молитва, потоа се оди на гробишта да се посетат гробовите на предците и блиските. Празникот прво им се честита на најстарите, а потоа на другите. Помладите секогаш одат кај постарите. За славењето на денот се приготвуваат и се служат традиционалните бајрамски јадења (бајрамско месо и баклава). Празникот се слави три дена и за цело време се оди на честитање.
Рамазан-бајрам се слави со големи прослави во целиот муслимански свет. Почнувајќи од далечната Кина во регионите каде што живеат муслиманите Ујгури, па преку азиските земји, Индонезија, до земјите на Блискиот Исток, Палестина, африканските земји и земјите на Балканот, дури и до Европа, насекаде каде што се распространети муслиманите, било во заедници или поединечно.https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/