Регистрација на трактори на шест години, а технички преглед на две години
На сопствениците на приколки, камп-приколки, земјоделска механизација, но и подвижни машини, кои досега не биле регистрирани, им се нуди можност да ги легализираат, инаку можат да бидат казнети од 100 до 300 евра во денарска противвредност.
Регистрација на тракторите на секои шест години, а технички преглед на секои две години. Ова се предвидува со измените на Законот за возилата, кој е во собраниска процедура. Со нив се предвидува и утврдување на сопственост кај мотокултиватори, камп приколки, како и легализација на мобилни машини како багери, комбајни и товарни приколки.
Според предлагачите на законот, измените се прават со цел да им се олесни работењето на сопствениците на тракторите. Со постојниот закон за возила, сопствениците на трактори се обврзани технички преглед на тракторите да прават секоја година, како и да ги регистрираат тракторите еднаш во текот на годината. Од друга страна, во земјава има многу приколки, камп-приколки за домување, земјоделска механизација, но и подвижни машини на кои не им се знае сопственоста.
Доказ за исправност
Со оглед на тоа што станува збор за моторни возила со специфична намена во земјоделството, кои не ја загрозуваат безбедноста на сообраќајот на патиштата, потребно е да се предвидат поповолни услови за технички преглед и регистрација на тракторите. Со измените на Законот се овозможува тракторите да се регистрираат на секои шест години, а технички преглед на истите да се прави на секои две години, пишува во предлог-законот.
Сопственикот на возилото е должен за време на важење на сообраќајната дозвола да поседува доказ за извршено осигурување и доказ за техничка исправност на возилото. За утврдување на сопственичкиот статус на трактор, тракторска приколка, мобилна машина, мотокултиватор и приколка за домување треба да се поднесе предлог за легализација до надлежен суд. Судот треба да биде во местото каде што се наоѓа живеалиштето на подносителот на предлогот за легализација.
Предлогот за легализација содржи марка, тип, број на шасија и мотор и година на производство на возилата како и причините зошто се поднесува предлогот. Исто така се приложува претходно дадена изјава заверена на нотар од подносителот на барањето, во која тој под целосна материјална и кривична одговорност ќе изјави дека совесно го владеел возилата и дека за истите не се води друга постапка пред надлежен суд стои во предлог-законот.
Барањето за легализација се поднесува во рок од една година од денот на влегување во сила на овој закон. По поднесеното барање, судот во рок од три дена преку огласна табла ги информира заинтересираните правни или физички лица.
По легализација и регистрација
Објавувањето на известувањето од судот трае 30 дена од денот на поставување на огласната табла. Ако по истекот на рокот заинтересирано лице писмено до судот не се обрати со докажување на својот правен интерес, судот во рок од 15 дена ќе донесе решение за легализација утврдување на сопственички статус на возилата.
Физичките или правни лица, кои совесно ги владеат и ги користат тракторите, тракторските приколки, мобилните машини, мотокултиваторите и приколките за домување кои до денот на влегување во сила на овој закон не поднеле барање за регистрација поради не докажана сопственост, може да поднесат барање за регистрација до Министерството за внатрешни работи со кое доставуваат доказ за сопственост или решение за утврдување на сопственички статус. Барањето за регистрација физичките и правните лица може да го поднесат до октомври 2017 година. Доколку по истекот на рокот при вршењето на контрола на сообраќајот на патиштата, МВР затекне трактор, тракторска приколка, мобилна машина, мотокултиватор и приколка за домување што не се регистрирани, ќе добијат казни од 100 до 300 евра во денарска противвредност.
Возилата од увоз прво на технички преглед, па на регистрација
За возилата што биле регистрирани во странство, првиот технички преглед се врши пред првата регистрација во Македонија, а периодичните технички прегледи се вршат согласно типот на возилото.
Првиот технички преглед на товарни возила и друмски тегначи, возила за превоз на опасни материи, мобилни машини, автобуси, возила за превоз за група деца, приклучни возила, приколки за домување се прави една година по првата регистрација. Патничките возила со осум седишта кои не се постари од седум години одат на технички преглед две години по првата регистрација. Почести се контролите на автобусите, возилата што се употребуваат за оспособување на кандидати за возачи, за превоз на група деца, за изнајмување (рентакар) и за превоз на опасни материи.
Лесните приколки, приколките за домување и посебни приклучни возила за превоз на чамци, водени скутери и други уреди за спорт и рекреација, треба да бидат технички прегледани на секои четири години.