Репортажа Камени сведоци во мариовскиот предел од Големата војна
На една од карпите има резба од орел кој стои на труба под која има вкрстени две топовски цевки. Дали припаѓа на некоја древна цивилизација или пак е од поново време?
Движејќи се низ пространите предели на Мариово најчесто наидуваме на карактеристичен релјеф составен од безброј грамадни сиви карпи прошарени со ниска вегетација. Иако овие предели пред околу половина век го имаат изгубено човечкиот потенцијал кој е предуслов за евентуален развој и просперитет, тоа не значи дека во различни периоди од минатото било така. Сепак, за ретките посетители овие предели будат интерес и ја разгоруваат фантазијата.
Што се случувало тука?
Иако минатото е замолчено од новото време и сегашните навики, тука се кријат безброј напластени докази за човековото постоење и присуство во различни периоди.
Токму на овие сиви грамадни карпи наоѓаме различни цртежи, симболи и пораки од различни временски периоди. Тој што ќе ги види не може, а да не се запраша што точно тие претставуваат, кој и кога ги направил и каква порака сакал да испрати со нивното создавање? На една од карпите има резба од орел кој стои на труба под која има вкрстени две топовски цевки. Дали припаѓа на некоја древна цивилизација или, пак, е од поново време?
Кралот на птиците и господар на небеските пространства е сеприсутен симбол на многу култури и народи од различни временски периоди. Сепак, трубата и топовските цевки на кои што орелот стои налагаат да се дојде до заклучок дека симболот е од поново време. Истиот симбол е откриен и на камена плоча на неколку километри оддалеченост од првиот. За откривањето на значењето на овие симболи најмногу ни помогна третото спомен обележје на кое се наоѓа венец под кој стои писмо на италијански јазик. Со дешифрирањето на писмото е утврдено дека се работи за спомен обележје на Планинската артилерија на италијанската војска и дека симболот со орелот е всушност знак на нивната единица. Се работи за споменици изработени од војник или војници на Кралството Италија кои се бореле во Првата светска војна (Големата војна).
Кралството Италија во борбените дејствија на овој фронт учествувало со една дивизија. На 11 август 1916 година, во пристаништето на Солун пристигнала главнината на силите на 35-тата Дивизија на Кралството Италија составена од повеќе полкови и единици. Во оваа дивизија била присутна и Планинската артилерија (Аrtigleria Da Montagna) со осум батерии, која била специјализирана за планинско војување. Спомениците се наоѓаат во близина на Кота 1050, местото каде што ова дивизија ги водела најголемите крвави борби.
Котата 1050 е дел од планинската верига на Селечка планина. Оваа кота ја наткрилува долината кај Суводол и претставува стратешка точка од клучно значење во поглед на набљудување и контролирање на голем терен. Исто така ги наткрилува ридовите околу селата Мегленци, Арматуш и Црничани. Тука оваа дивизија ги водела најдолгите жестоки борби, при што тука ги претрпела и најголемите загуби. Само на 12 февруари 1917, германската војска која ја контролирала оваа точка со поддршка од бугарските единици извршила жесток и неочекуван напад со пламенофрлачи со голем дострел при што го јагленисале целиот гарнизон од првите ровови на италијанската војска.
Вкупните загуби на 35-тата Дивизија на Македонскиот фронт изнесувале 4690 загинати и исчезнати војници и офицери.
На местата каде што престојувале и во близина на борбените дејствија тие оставиле спомени за своето присуство на камените карпи во мариовскиот предел. Овие неми камени сведоци, сведочат за човекови судбини и страдања на цели генерации. Овие камени паметници претставуваат наше војничко и меморијално богатство кое треба трајно да го чуваме.
Текст и фотографија: Игор Петровски