fbpx
Вести

Рокот за субвенции за овци и кози да се пролонгира до 30 јуни, бараат ветеринарите

ovci

Ветеринарите бараат рокот за поднесување барања за субвенции за овци и кози, од 15 мај, како што е сега дефиниран, да се пролонгира до 30 јуни 2018 година, за да можат квалитетно да ја спроведат мерката вадење крв за дијагностика, вакцинацијата против бруцелоза и да попишување на грлата.

Тие моментно се ангажирани со спроведување на вакцинација на говедата против „јазлеста кожа“, а дури денеска го добиле известувањето од Агенцијата за храна и ветеринарство за почнување на активностите околу сузбивањето и искоренувањето на бруцелозата кај овците и козите.

– Овие проблеми се повторуваат секоја година и, за жал, ставени сме во ситуација, роковите да бидат побитни од мерката која треба да ја спроведеме што е апсурдно и девалвирачки за нашата струка. Мора да имаме доволно време за коректно да ги извршиме работите, и земањето крв и вакцинацијата и попишувањето кое паралелно се спроведува, вели за МИА претседателот на Комората д-р Томислав Николовски.

Ветеринарните лекари уште на 12 март годинава од Министерството за земјоделство побарале рокот за субвенции за овци и кози да биде поместен до 30 јуни 2018. Двапати поднеле барање, но официјално известување се уште немаат добиено.

– На денешниот состанок на членовите на Ветеринарната комора, сите се изјаснија дека до 15 мај во никој случај не може да се спроведе акцијата. Остануваме на првото барање, роковите за аплицирање за субвенции за овци и кози да се одложат до 30 јуни 2018. Во спротивно, не можеме да потврдиме дека мерките ќе се извршат квалитетно и дека навреме ќе се направи пописот, нагласува Николовски.

Според него, токму поради ангажирањето и сериозноста на ветеринарните служби бруцелозата изминативе години е намалена, и кај добитокот и кај луѓето.

Ветеринарните лекари апелираат на поефикасна меѓусекторска и меѓуинституционална соработка за да не се повторуваат проблемите секоја година.


 

а1он

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close