fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Тетовските земјоделци мака мачат со наводнувањето, системот целосно руиниран

Несовесноста кај самите граѓани, односно земјоделците е голема, каналите се полни со отпад, а се кршат и бетонските корита за водата директно да оди во нивните ниви.

Запуштени и руинирани, без доволно вода со купишта разновиден смет. Во ваква состојба веќе две децении се наоѓаат каналите за наводнување во Тетовскиот регион. До неодамна со системот за наводнување во овој регион како и никој да не стопанисуваше. Откако се распадна старото претпријатие „Водостопанство“ пред дваесетина години, со каналите претежно управуваа водните заедници кои ги имаше само на хартија, но во пракса, односно на терен ништо не се работеше. Затоа и состојбата со ваквите системи е како на прикажаните фотографии.

После подолг период новоформираното претпријатие АД „Водостопанство“ подружница Тетово започна со посериозни активности за расчистување на каналите за наводнување.

-Почнавме да ги чистиме бетонските канали каде има фрлено се’ и сешто, полни се со тиња и разновиден смет. Катастрофа голема несовесност од самите граѓани, но што да правиме мора нешто да се помрдне од мртва точка. Еве со багер отвораме и бразди за наводнување, затоа што старите кои некогаш постоеле се затрупани и нефункционални, вели Гоце Димитриевски вработен во АД „Водостопанство“ подружница Тетово.

Земјоделците го поздравуваат ваквиот чекор, но сметаат дека нема многу да придонесе да се подобри состојбата со водоснабдувањето во Тетовскиот регион. Според нив бадијала е да се чистат каналите, кога низ нив не протекува вода.

-Некогаш низ овие канали нон стоп течеше вода која доаѓаше од реките и притоките, но сега таа вода не поминува низ каналите, затоа што коритата на реките и притоките се кршат од несовесни луѓе и водата наместо до дојде до тука завршува на друго место. Ги кршат коритата претежно сопствениците кои имаа ниви покрај реките, за да им доаѓа водата директно до нивната земјоделска површина, а нас кој не прашува. Треба ваквата состојба да се контролира од инспектори, да се казнуваат лицата кои прават вакви работи. Сега некои земјоделци се откажуваат од земјоделската површина, затоа што немаат доволно вода за наводнување, рече земјоделецот Иван Спировски од село Брвеница

Од АД „Водостопанство“ подружница Тетово, велат дека се свесни за ваквата состојба, но според нив системот за наводнување со години бил запуштен и треба време да се врати се во нормала.

-Како што гледате ние работиме и чистиме етапно. Ги чистиме и бетонските и земјените канали за наводнување. Имаме механизација, овој систем долго време бил запуштен и затоа треба време пак да се обнови. Исто така делумно го исчистивме главниот магистрален канал за наводнување Радиовце-Бистрица, кој исто така се оштетува и се крши од несовесни граѓани. Ние за ваквите девијантни појави постојано пријавуваме до надлежните институции кои си ја тераат работата, рече Дарко Блажевски,раководител на ХМС АД „Водостопанство“-Тетово.

Инаку во тетовско има 200 километри бетонска и земјена каналска мрежа за наводнување како и главен магистрален канал за наводнување во должина од 26 километри, но само околу половина од овој систем е во функција.

Зоран Димовски за Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close