Врз основа на податоците на ООН, жените на планетата главно не поседуваат земја, но главно ја обработуваат; немаат капитал, но работат повеќе за помалку пари, особено кога ќе се земе предвид бесплатната работа. Имаат помал пристап до културните добра и медиумите, иако ликот на жените во тие области масовно се злоупотребува. Со жалење може да се констатира дека во нашата држава сѐ уште има рурални региони каде што живеат жени кои од различни причини (традиција, култура, религија и сл.) немаат можност да оформат солидно образование, не можат да се вработат, рано стапуваат во брак и оформуваат семејства, а имаат и ограничен пристап кон социјалната и здравствената заштита, што на крајот доведува до намален квалитет на нивниот живот.
Проблемите со коишто се соочуваат жените од руралните средини најчесто се занемарувани од страна на надлежните институции или, пак, третирани со регуларни мерки коишто не секогаш доведуваат до посакуваниот резултат. Поради таквиот пристап, жените од руралните средини се во многу тешка ситуација и често спаѓаат меѓу најсиромашната популација, нивниот труд е ниско вреднуван, вклучително и трудот во семејното домаќинство, семејните обврски и работата на семејниот земјоделски имот.
“Податоците покажуваат дека жените во руралните средини најголем дел од своето време, 4 часа и 22 минути, го посветуваат на домашни, неплатени активности, додека само 1 час и 18 минути дневно на активност којашто им овозможува остварување финансиски надомест. Една од главните причини за економската зависност на жените е фактот што тие ја преземаат основната одговорност за неплатената работа во домот.” (Анкета за користење на времето, 2014/2015 година, Државен завод за статистика, Скопје)
Доминантно изразените патријархални вредности и традиционалната поделба на родовите улоги уште повеќе влијаат врз позицијата на руралната жена, како во семејството, така и во општеството. Општина Росоман има вкупно 4064 жители од кои жени: 1945 и мажи: 2119. Според достапните податоци од родовиот индекс на општините, иако на локално ниво има назначено Комисија за еднакви можности и координатор на таа комисија, сепак не постои реална реализација на родово сензитивни политики.
Податоците покажуваат дека:
А) не е потпишана Европската повелба за еднаквост на жените и мажите на локално ниво
Б) не постои документ со посебни мерки за родова еднаквост
В) нема трансформативност на планираните посебни мерки за родова еднаквост
Г) нема назначени финансиски средства за реализација на родови програми
Во однос на вработувањето од вкупно 872 вработени, 555 се мажи додека 317 се жени. Кај сопствеништвото на земја, мажите се сопственици во 10.157 случаи додека жените само во 3098. Податоците за родовиот јаз во овие сегменти се поразителни, бидејќи укажува на ниската економска моќ на жените во општината и потребата од нивно економско јакнење преку актуелизирање на важноста на пристап на жените до ресурси како основа за економска независност и подобрување на статусот.
Што се однесува до овозможувачките услови за развој на жените во општината капацитетот на државните градинки во општината изнесува 80 деца, додека во општината има 294 деца до 6 годишна возраст. Бројот на стари лица над 60 години е 846, а во општината не постои установа за грижа на стари лица. Овие податоци се индикатор дека жените во општина Росоман се принудени да остануваат дома и да се грижат за децата и постарите членови од семејството, без особена можност за реален ангажман на пазарот на трудот. Исто така, треба да се нагласи дека на 1620 жени над 15 години, во општината не постои матичен гинеколог, а што се однесува до вклучувањето на жените во донесувањето на одлуки на локално ниво, од вкупно 9 советници, само 2 се жени (податоци преземени од Индексот на родова еднаквост).
Поради овие факти потребата за родово сензибилизирање на населението во општина Росоман и градење на капацитетите на локално ниво за остварување на родова еднаквост и вклучување на жените од општина Росоман во креирање на политики на локално ниво – сегменти важни за целокупниот рурален развој на општината, станаа неминовни. Жените од Росоман во изминатите месеци активно се вклучени во обуки за економско јакнење за подобрување на нивниот општествен статус.
Љубица Ангелкова