Само 400 земјоделци произведуваат органска храна
Органското производство може да биде иднината на македонското земјоделство. Ресурси и услови има, но засега многу мал број од земјоделците решиле да ги искористат.
Тешкото менување на навиките е една од главните причини за таквата состојба. Во моментов на ниво на држава има околу 400 органски производители и неколку преработувачи, мала бројка во однос на потенцијалот и можностите кои се нудат. Покрај природните услови во последните неколку години органските производители имаат и сериозна поддршка од државата.
– Оваа поддршка трае седум или осум години, меѓутоа од 2015 за некои мерки за уште поголем развој на органското воведовме, значи едни мерки се 30%, едни мерки сега веќе се 50, едни 70, а градинарството е со 100% зголемени субвенции во однос на конвенционалното производство, вели Оливера Бичиклиски, помошник раководител на Сектор за земјоделство.
Од Здружението на органски производители “Органологистик” од Струмица велат дека овој тип на производство е многу поисплатлив, а адаптацијата од конвенционално во органско производство може да се направи лесно. Една од основните предности што ќе се добие е посигурен пласман и повисока цена за произведеното.
– Ги охрабрувам сите дека се што може да се произведе како органски прво мислам дека и во Струмица нема да е доволно, а не за Македонија, а пак за надвор и да не мислиме, значи секако дека може да се потроши, вели Ѓорги Хаџи Котаров од Здружението на органски производители, “Органологистик”, од Струмица.
Со цел да се олесни начинот на органско производство Министерството за земјоделство почна и промотивни кампањи насловени “Од природата за мене,,. Кампањите имаат за цел да ги информираат органските производители за сите поволности што им стојат на располагање меѓу кои и големиот број на производи за заштита на растенијата дозволени во органското производство.