Само Европа може да го „опрај“ македонското земјоделство?!

(Oвој напис е објавен на: June 28, 2019)

Од наш агол

Земјоделието е извор на егзистенција за многу македонски семејства, кои секој ден, чесно, со труд и мака, го заработуваат своето парче леб. Македонското земјоделство државата ја чини со милиони евра, а сепак и натаму тапкаме во место без вистинска модернизација и напредок во овој сектор.

Земјоделските гласови биле и се најманипулирани на сите избори. Ни една влада досега не покажа  доволни ни волја, ни храброст за реална реформа во земјоделието.

Податоците кои се објавени јавно во медиумите од Нацрт-стратегијата за земјоделство 2014-2020 година покажуваат дека иако расте извозот на земјоделско-прехранбени производи, паралелно, со забрзано темпо расте и увозот.

Во исто време, Светска банка укажува  дека доколку програмите за поддршка на земјоделството во Македонија не успеат да ја зголемат конкурентноста и да предизвикаат раст на производството, последиците нема да се одразат само врз земјоделството, туку и врз вкупната економија на државата.

И тука се поставува прашањето-каде ни е лекот? Што може да го „опрај“ македонското земјоделство?

Дали „крвната слика“ на нашето земјоделство може да се поправи користејќи ги придобивките од членството во ЕУ и НАТО, а особено искористеноста на европските фондови кои се од исклучителна важност за модернизирање на земјоделството во Р.С.Македонија?

Дали европските фондови ќе го зајакнат земјоделието, ќе ни донесат нови вработувања, нови бизниси и можеби развој на селото или на средините каде сакаме да се задржат земјоделците?

Факт е дека на македонското земјоделство  и се потребни нови технологии, за подобар и поквалитетен производ што автоматски ќе биде и поконкурентен на пазарот.

Факт е дека помошта за нашиот аграр расте од година во година со отпочнувањето на преговори со Европската Унија.

Факт е дека со членството во ЕУ и НАТО ни се отвораат вратите на европскиот пазар, односно на пазар од 500 милиони потрошувачи. Ни се отвораат можностите за повеќе финансиски средства преку европските фондови, а тоа и реално ќе значи слевање на пари на сметките на нашите земјоделци.

Факт е дека нашата држава користи значајна европска помош во земјоделство. Од веќе објавените податоци се гледа дека индивидуалните земјоделци и компаниите од овој сектор досега искористиле 22,4 милиони евра од европските претпристапни фондови за поддршка на земјоделството, односно ИПАРД 2 програмата, која што трае од 2014 до 2020 година. Тоа е околу 28% од вкупно расположливите 80 милиони евра, покажуваат податоците од Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, објавени во медиумите.

Споредено со ИПАРД 1 програмата којашто се реализираше од 2007 до 2013 година, македонските земјоделци на 12 јавни повици искористиле само 16 милиони евра, односно 17% од вкупната сума, значи сега искористеноста се зголемува.

Од таму, ако веќе не можеме самите, тогаш да оставиме Европа да ни ја опрај работата во македонското земјоделството!

 

Анета Блажевска

 

Share Button