fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Се буди ли инфлацијата – што предвидува Народната банка и како ќе нѐ штити од ценовен шок

Народната банка во најновите макроекономски прогнози што ги презентираше денес предвиде инфлација од 2,2 отсто годинава, што е значајно зголемување во однос на октомври минатата година кога нејзината процена беше 1,5 отсто.

Ценовната стабилност е примарна цел на централната банка. И секако дека на располагање имаме голем инструментариум кој што ќе го користиме за да се задржи инфлацијата на умерено ниво, вели гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска 

Народната банка во најновите макроекономски прогнози што ги презентираше денес предвиде инфлација од 2,2 отсто годинава, што е значајно зголемување во однос на октомври минатата година кога нејзината процена беше 1,5 отсто. Само во април годинава цените се зголемиле за 2,7 отсто на годишно ниво, малку под очекувањата на централнта банка кои биле 2,8 отсто. Дали ова навестува дека баукот на инфлацијата може да се врати и да удри врз и онака разнишаниот стандард на граѓаните?

Од Народната банка смируваат и велат дека будно ги следат состојбите и движењата, порастот на цените во април е во рамки на нивните очекувања, како и дека не гледаат простор за некое поголемо отстапување.

„Но, би потенцирала – ценовната стабилност е примарна цел, основна цел на централната банка. И секако дека на располагање имаме голем инструментариум кој што ќе го користиме соодветно за да се задржи инфлацијата на умерено ниво бидејќи сметаме дека тоа е клучниот придонес кој што може да го даде централната банка за економскиот раст“, изјави денес гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска на прес конференцијата посветена на најновите макроекономски прогнози.

Граѓаните се загрижени. Секој ден се шокираат од нови и повисоки цени во продавниците, особено на храната. Тоа го покажуваат и податоците за синдикалната кошница со која се пресметуваат минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство и која во април е зголемена за 204 денари во однос на март. Ваквото зголемување е резултат на евидентното зголемување на трошоците за живот во април и тоа на храната и пијалоците за 1,2 проценти, хигиената за 1,1 процент и на облеката за еден процент, соопштија од Сојузот на синдикатите на Македонија. Пресметките на синдикатот покажуваат дека вредноста на синдикалната кошница во април изнесувала 33.976 денари од кои најмногу или 14.332 денари се потребни за храна и пијалоци и 10.809 за комуналии. Остатокот е за превоз, хигиена, облека и обувки… За да се покријат месечните трошоци, на едно четиричлено семејство му недостасуваат 3.596, пресметаа од ССМ.

Од Народна банка велат дека инфлацијата годинава нема да отстапува многу од повеќегодишниот просек кој за нашата земја е околу два отсто годишно. Односно, оваа година се очекува просечен ценовен раст од 2,2 отсто, а за наредната два отсто.https://nezavisen.mk/se-budi-li-inflacijata-shto-predviduva-narodnata-banka-i-kako-kje-ne-shtiti-od-cenoven-shok/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close