fbpx
Агро бизнисВестиВидео/интервјуаМакедонијаТоп вести

Се движиме во законски предвидените рокови за исплата на земјоделските субвенции

Интервју со Никица Бачовски директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој

 

З.Б-Со вашето доаѓање најавивте дека ќе се посветите на исполнување на ветувањето субвенциите да бидат редовни и неселективни. Но, земјоделците и натаму реагираат дека субвенциите не се исплаќаат навреме, не според календарот и не во целост. Што ќе им порачате? 

Н.Б. Субвенциите се исплаќаат само и единствено по основ на правно-законски норми пропишани во Уредбата и поблиски критериуми за директни плаќања.

Сите кои ги исполниле условите, може да очекуваат субвенции за културите или мерките за кои аплицирале.

Како менаџер на институцијата мора да напоменам дека станува збор за обработка на 65.000 апликации за субвенции. Тоа е сериозна бројка која треба да се обработи. Вработените и покрај ротациското работење поради пандемијата со Ковид-19 посветено работат се со цел навреме да бидат обработени сите апликации, и како и минатата година и оваа, како тим ќе направиме се за да го запазиме законскиот рок за исплата на субвенциите, а тоа е крај на јуни 2021 година. Што значи дека се движиме во законските предвидени рокови за исплата на земјоделските субвенции.

З.Б- До нашиот медиум дневно реагираат голем број земјоделци кои прашуваат зошто не им се исплатени субвенциите, зошто за некои субвенции се чека и по 3 години. На што се должи ваквата состојба? Може ли да најавиме кои субвенции ќе бидат исплатени наскоро?

Н.Б-Треба да се има предвид дека заради корона кризата, како и на барање на земјоделците беше продолжен рокот за субвенционирање, односно се даде уште еден дополнителен рок за пријавување, со што автоматски се пролонгира и целиот процес на обработка, но и на исплата на субвенции во земјоделството. Апликациите се работат, краен рок за исплата на субвенциите е 30-ти јуни 2021 година. Веќе споменав годишно само за субвенции обработуваме 65.000 апликации. Тоа е сериозна бројка на барања кои треба да бидат обработени. Затоа сметам дека како тим работиме и покрај пролонгираните рокови за аплицирање да го запазиме рокот за исплати. Верувајте не е едноставно, посебно сега во време на пандемија кога дел од вработените се разболуваат, па отсуствуваат некој пократко, но некој и подолго време оти така им налага здравствената состојба. Но, правиме се да ја надминеме таа пречка. Во однос на сточарите сакам да потсетам дека пред околу 2 месеци или кон крај на 2020 година, исплативме 377 милиони денари за втора и трета фаза произведено и предадено млеко со што практично целосно ја затворивме исплатата за произведено и предадено млеко по Програма 2019 година.

Има само мал дел на апликанти кои не се исплатени поради неточни трансакциски сметки, поради тоа што биле должници за вода, пашарина, или  кои биле предмет на контрола на терен. Штом се регулираат и овие ќе бидат доисплатени. Апликациите како и за останатите мерки за основната мерка се обработуваат додека за произведено и предадено млеко исплатата се врши по фази и има временски период за предавање на млеко, согласно таа методологија не ни може да бидат исплатени субвенции за млеко по фази пред истото да биде произведено и предадено.

З.Б- Платежната агенција според реакциите на земјоделците важи за една од позатворените институции во однос на достапност на информации за земјоделците, па често информациите ги бараат од медиумите? Колку како институција може да се промените во тој дел?

Н.Б-Јас не се согласувам со вас дека институцијата е затворена. Сите кои немаат информации за која било Мерка или Програма може да побараат информација на телефонскиот број во кол центарот 023097450 или пак да дојдат во Агенцијата, вработените стојат на располагање за сите дилеми, па и за решавање на проблеми. Согласно аналитичкиот центар на АФПЗРР, само во февруари преку кол центарот имаат опслужено 880 странки за субвенции, 160 странки барале информации за Рурална програма, 120 за ИПАРД. Додека 150 лица биле во АФПЗРР лично и во разговор со вработените добиле информации за нивните потреби. Така што 1.310 лица само во месец февруари барале и добиле информации за нивните потреби, а се однесувале на мерки и програми кои ги реализираме како институција. Мислам дека податоците многу јасно укажуваат за тоа дали ние сме отворена или затворена институција.

За да не мора да се чека на вработените, почнавме да работиме на модел преку кој сите апликанти по Програмата за директни плаќања, Програмата за рурален развој и ИПАРД ќе можат од дома, преку своите електронски уреди со впишување на ЕМБГ, ЕМБС или ИДБ да добијат основни информации за административниот тек на нивните апликации, проекти и исплати. На овој начин во голем дел ќе се олесни и товарот врз вработените во АФПЗРР, но и земјоделците во реално време ќе можат да видат каков е статусот на нивното поднесено барање.

З.Б-Дали петтиот пакет мерки подразбира само помош за тутунарите во висина од 5 милиони евра или ќе бидат вклучени и други земјоделски гранки?

Н.Б-Петтиот пакет на мерки го донесе Владата и точно потенцира дека 307,5 милиони денари ќе има за тутунарите, 40 милиони денари за преработувачи и извозници на грозје. Дали има плус мерки ќе мора да се обратите до кабинетот на вицепремиерот за економски прашања за да ви дадат дополнителни плус детали доколку ги имаат.

З.Б-За време на пандемија кои се мерки се преземени од Владата за исплата и помош на земјоделците, и по кои основи, колку средства се поделени? 

Н.Б-Владата во тек на минатата и на оваа година и покрај сите потешкотии и рестрикции со кои поради пандемијата со Ковид-19 се соочи цел свет не само Македонија направи се да биде партнер на земјоделците. Лани АФПЗРР, по Програма за финансиска поддршка има исплатено 6.946.309.844,00 денари. Тоа се сериозни средства кои се дадени и инвестирани во агро-секторот само како субвенции, настрана останатите програми и мерки како што се набавка на стока, пчели, за млади земјоделци и останатите. Исто така имаше и ковид мерка за лозарите и таму исплативме 377,7 милиони денари за откупено грозје за винската индустрија или познато како Ковид мерка. Имаше дополнителна мерка за оризо производителите и да не ги редам сите мерки. Ние сме посветени и остануваме партнери кои ќе создаваат поволни услови за агро-секторот, а на земјоделците и на компаниите од овој сектор останува да продолжат да произведуваат квалитетна и пред се храна за која има побарувачка, а ние ќе продолжиме да креираме мерки кои ќе ги мотивираат да ги зголемуваат количините.

З.Б-Уште со вашето доаѓање на функцијата најавивте модификација на програмата со која ќе се обезбеди авансно исплаќање, односно 30-90 дена по аплицирањето земјоделците да добијат 30% од вкупната сума субвенции кои им следуваат, со што значително би се помогнало околу  рентабилноста во работењето. До каде се овие измени? 

Н.Б-Сите модификации, измени на програмите ги прави Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ние сме само имплементатори на Програмата. Кога би биле донесени измените, каква ќе биде модификацијата и кога истата би била готова тоа треба да кажат колегите кои работат и ја подготвуваат оваа новина. Штом ќе биде донесена ние како институција сме подготвени да ја примениме и да ја спроведеме во пракса.

З.Б-Колку како држава успеавме да ги искористиме ИПАРД средствата  наменети за земјоделците? Што ќе направите да ги поедноставите тие апликации за кои земјоделците реагираат дека не се снајдуваат баш најдобро и потребна им е помош?

Н.Б-До денеска преку ИПАРД 2 Програмата по сите мерки поднесени и одобрени се 1.870 апликации по сите три мерки и повици со вкупна побарана сума од безмалку 54 милиони евра. Што е речиси 80% од вкупните расположливи средства што државата ги имаше на располагање преку ИПАРД 2 програмата. На 1.390 апликанти исплатени им се вкупно 18,7 милиони евра за реализираните инвестиции од ИПАРД 2. Доказ дека одиме во вистинска насока е и тоа што минатата година  Директоратот за земјоделство при Европската Унија не прогласи за лидери во регионот во искористување на средствата од ИПАРД 2 програмата што реално не е мала работа затоа што и со тие малку човечки ресурси и капацитет што го има Агенцијата постигнавме одлични резултати. Успехот дојде откако олеснивме голем дел од процедурите и ги поедноставивме апликациите. Се согласувам со вас дека има земјоделци кои не знаат да аплицираат и искрено порака за сите кои не знаат како да подготват апликации, на располагање се консултанти кои подготвуваат апликации, а во ИПАРД програмата се прифаќаат и трошоците што апликантот ги направил за консултантски услуги. Што значи дека ако земјоделецот не знае има стручни лица кои знаат и ќе ги подготват во негово име, а трошокот ќе му биде вратен преку ИПАРД апликацијата.

З.Б-Кои Програми се во тек и кои ќе ги објавите во следниот период?

Н.Б-Сите три програми се во тек и почнато е со нивна реализација. Што се однесува до мерките во програмите во моментов се работат апликациите за сите мерки од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, или попознато како субвенции, како што знаете во изминатиот период исплативме близу 560 милиони денари субвенции за лозарство, исто така 512,5 милиони денари легнаа за Директни плаќања по обработлива земјоделска површина за сите полјоделски култури освен тутунот, за  малите земјоделските стопанства кои се дефинирани според историски плаќања за претходните три години, како и кај сите кои имаат заклани амортизирани несилии во регистриран кланичен капацитет. 377,7 милиони денари за откупено грозје за винската индустрија или познато како Ковид мерка, исплативме. Исто така исплативме 238,6 милиони денари за вршење на земјоделска дејност во подрачја со ограничени можности, или попознато како ПОМ, за органско производство, за производство на основен, производство на саден и за производство на сертифициран семенски материјал, како и за осигурување на посевите од непогоди.

Во однос на Програмата за Рурален развој веќе се објавија повиците за Мерката 121 „Инвестиции за модернизација на земјоделските стопанства“ а корисници на оваа мерка можеше да бидат сите кои набавиле стока од признати организации согласно Законот за сточарство и имаат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС) во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој. Максималната финансиска поддршка за оваа мерка е до 6.500.000 денари прифатливи трошоци по поединечен корисник. Поддршка се исплаќа по принцип на ко-финансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции.

Од 13-ти март објавен е повикот за Мерката 121 Инвестиции за модернизација на земјоделските стопанства. Корисници на оваа мерка се сите кои во период од 01 октомври до 31 декември 2020 година набавиле пчелини матици и педигрирани чистокрвни или хибридни свињи. За оваа мерка 121, финансиската поддршка се исплаќа по принцип на ко-финансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции. Исто така службите веќе го подготвуваат Јавниот повик за плати за овчарите, за краток временски период истиот ќе биде објавен. Во Програмата за рурален развој за мерката 213 Помош за зачувување на руралните предели и нивните традиционални карактеристики има обезбедено средства со вкупна вредност од 18.000,000 денари. Како и досега, Агенцијата, Повикот ќе го објави на веб страна на АФПЗРР, во дневните весници а исто така и преку соопштение ќе ја информира јавноста. Годината ја почнавме, работиме во мошне специфични мерки заради пандемијата, но како менаџер на институцијата заедно со колегите очекувам се да се заврши во предвидените рокови и согласно проекциите. Но, оваа неизвесна состојба со пандемијата за жал ни прави и некој непредвидени пречки кои се надевам како партнери со Владата, МЗШВ и со земјоделците успешно ќе ги прескокнеме.

Анета Блажевска

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close