fbpx
ВестиТоп вести

Се укина критериумот ” прв дојден, прв услужен”

Во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на ден 25.11.2017 година се потпишаа првите 60-тина договори од вкупно одобрените 424 договори за Мерката 122 од Програмата за рурален развој „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“.

На официјалното потпишување на првите договори, присуствуваа Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, како и директорите и советниците во состав на МЗШВ и од Владата на РМ.

Министерот Николовски посочи дека овие неповратни 10.000 евра, младите земјоделци можат да ги користат за набавка на земјоделска механизација и за инвестиции во производствени капацитети.

„Мерката постоеше и во претходните години, но по критериум „прв дојден прв усложен“, што отвораше сомнеж дали овие пари завршуваа кај вистинските земјоделци. Нашата аграрна политика е јасна – секој денар од субвенциите од секоја мерка, мора да се исплати на вистинските земјоделци. За таа цел во годинешната Програма за рурален развој го отстранивме претходниот критериум, и воведовме нови критериуми, со единствена цел овие неповратни 10.000 евра да завршат кај оние млади земјоделци кои навистина сакаат да се занимаваат со земјоделство, кои ќе ги искористат парите за сериозна инвестиција, ќе внесат нови технологии, од што придобивка ќе има и вкупното земјоделско производство“, изјави министерот Николовски.

Инаку минатата година за оваа мерка со претходните критериуми беа склучени 124 договори, оваа година со новите критериуми, се склучија три и пол пати повеќе договори.

Во однос на процедурата за исплата, Платежната агенција веќе ги извести сите 424 земјоделци дека им се прифатени апликациите и им прати допис со датум и време на потпишување на документите. По потпишувањето на договорите, корисниците треба започнат со реализација на инвестицијата. Временскиот рок за реализација на инвестицијата е 6 месеци.

По реализација на инвестицијата, барателот треба да поднесе барање за исплата до Платежната агенција, заедно со потребната документација од инвестицијата односно фактури, испратници, доставници, изводи од банка за транскациите, најдоцна до 1-ви јуни 2018 година.По обработката на барањата за исплата, Платежната агенцијата, испраќа контрола на лице место, која што ќе ја констатира фактичката состојба со инвестицијата на терен.Доколку се совпаѓаат податоците од контролата и договорот, Агенцијата веднаш ќе изврши исплата на парите. Тоа значи дека, доколку годинава ја реализирате инвестицијата или набавите механизација, оваа година ќе имате исплата на неповратни 10.000 евра.

Во следните неколку дена во Агенцијата за финансиска поддршка во земјодлеството и руралниот развој ќе бидат потпишани и останатите договори со младите земјоделци од сите региони од државата, а чии што апликации се одобрени.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close