Секторот за производство на свежо свинско месо ја крои седум годишната стратегија за делување и развој
Намалување на увозот на свинско месо за 30% во следните 7 години. Суровинската сувереност е многу значајна особено во време на пандемии и затворени граници
Како да се намали увозната зависност од смрзнато свинско месо за потребите на месната преработувачка индустрија и како да продолжи позитивниот раст кој го има секторот за производство на домашно свинско месо. Ова се клучните елементи на кои се фокусира овој сектор во кроењето на седум годишната стратегија за развој на свињарството 2021-2027. На факултетот на земјоделски науки и храна под сите безбедносни протоколи се собраа сите клучни производители во овој сектор заедно со науката да ги дефинираат идните правци на натамошниот развој. Она што е важно е дека е потребно да се креира амбиент во државата кој нема да предизвика да се загуби контролата на ценовната политика што се покажа како генератор на досегашниот раст. Од тој аспект сите се едногласни дека носењето на мерки со кои би се дозволил без царински увоз на смрзнато месо за потребите на преработувачката индустрија може да предизвика сериозен потрес.
-Секторот се наоѓа во деликатен момент од аспект на развојот заради околностите поврзани со африканската свинска чума и ковид здравствената криза и интенциите за увезување без царински давачки во големи количини во моментов не се добре дојдени. Ние ја задоволуваме потребата на домашниот пазар во однос на свежото свинско месо но намерата на денешниот собир е да се одредат мерките кои ќе придонесат како да почнеме полека да произведуваме и замрзнуваме вишоци на свинско меско кои ќе послужат за да се замени дел од увозното месо со домашно смрзнато месо. Планот е за почеток да дојдеме до некои 20-30% супституција на увозот а понатаму да работиме и тој обем да го зголемуваме колку ќе можеме. Утре ќе се одржи и он-лајн средба со месо преработувачката индустрија за да се обидеме двата сектора да ги споиме и заедно да работат на постигнување на овие цели во поволен амбиент креиран од државата, рече Владо Вуковиќ професор по свињарство на факултетот за земјоделски науки и храна.
Големи турбуленции на пазарот со свинско месо се случуваат последниот период. По појавата на африканската свинска чума во Германија почна да се создаваат вишоци на свинско месо кои се замрзнуваат. Стравувањата на секторот се дека овие вишоци преку разните механизми на субвенционирање на извозот ќе завршат во трети земји меѓу кои сме и ние или инидректно ќе ја намалат цената.
-Во моментов го работиме еден од најризичните бизниси. Освен заради корона кризата поради која стравуваме за здравјето на нашите вработени исто така и поради заканата од африканската свинска чума која е смртоносна за свињите. Треба да се знае дека за да имаме ние финален производ свинско месо потребни 3 до 4 години за да се затворат неколку циклуси на производство на жита на сточна храна па дури потоа и циклусот на одгледување и производство на финален производ. Затоа сите мерки за безцарински увоз треба добро да се испитаат какво влијание ќе имаат врз примарниот сектор кој е многу осетлив и многу тешко се враќа во полна кондиција бидејќи долго трае процесот до финален производ. Ние не сме против мерките кои на месната индустрија ќе и помогнат бидејќи сме директно поврзани и соработуваме со нив но само бараме да немаат негативно влијание на нашиот сектор. Последните 2 години цените беа високи заради недостиг на месо и немаше некои проблеми со цената но ако стаса месото од Германија до нашите крајни потрошувачи ќе нема економска логика ние да се бориме со тие цени рече Дарко Стојанов од сточарската фарма Униагро од Велес.
-Разговараме и даваме предлози за седум годишната стратегија . Во моментов немаме да понудиме вишоци на смрзанот месо за потребите на преработувалите но планот е со овва темпо на раст и со веќе постигнатите европски производни резултати на ниво на фарма да дојдеме многу скоро до ниво да почнеме да ги снабдуваме месните индустрии со домашно месо што сметам дека дополнително ќе придонесе за натамошен развој на свињарството рече Тоше Атанасовски од здружението на одгледувачи на свинско Гицко.
З.Б.