
Сезонски работници – законско решение само за земјоделци
Ангажирањето на работници ќе се прави во поедноставена постапка со пријава на лицето преку регистар за евиденција на работно ангажирање на Агенцијата за вработување.
Со цел зголемување на јавните приходи повеќе пратеници предлагаат носење на Закон со кој ќе се овозможи пријавување и на сезонските работници, или работници на краток период. Имено, како што е посочено во документот доставен во Собранието „преку формализирање на непријавената работа и унапредување на владеењето на правото, законското решение ќе овозможи поедноставена постапка за работно ангажирање на лица за повремени и сезонски работи во одредени дејности“.
– Предложеното решение е во согласност со стратешките определби на државата за стимулирање и поддршка на формализацијата на неформалните економски активности преку воспоставување систем на превентивни и стимулативни мерки за поддршка. Предложеното решение црпи од искуства на земјите од регинот и Европската Унија и клучна цел е со донаторска поддршка да се воспостави регистар за евиденција на работно ангажирање усогласен со постојните системи и ИТ мрежи кои веќе се во функција – се посочува во документот доставен во Собранието, а на кој потпишани се група пратеници во Собранието.
Предлагачите укажуваат дека целта на Законот за работно ангажирање на лица е да овозможи остварување на правата на лицата ангажирани по овој основ, уредување на правата и обврските кои произлегуваат од работниот ангажман, задоволување на потребата од работна сила кај работодавачите, формализирање на непријавената работа во секторите Земјоделство, шумарство и рибарство, Објекти за сместување и сервисни дејности за храна и Дејности на домаќинството како работодавач.
Со овој чекор според нив ќе се зголемат јавните приходи по основ на даноци и платени придонеси од задолжителното социјално осигурување.
Ангажирањето на работници ќе се прави во поедноставена постапка со пријава на лицето преку регистар за евиденција на работно ангажирање на Агенцијата за вработување. Наплатата на даноците и придонесите ќе се врши преку надградба на системот за наплата на даноците и придонесите на Управата за јавни приходи. Развојот, надградбата и прилагодувањето информациските системи на Агенцијата за вработување и Управата за јавни приходи ќе се реалиизра со донаторска поддршка. Исто така, со овој закон ќе се прошират надлежностите на Агенцијата за вработување за управување и одржување на регистарот за евиденција на работно ангажирање.
Фактор.мк