Шара изобилува со ароматични и лековити билки, но ретко кој ги собира
Чајот на Шара го има во атарите на селата Јеловјане, Старо Село и Рогачево.
Тетовецот Муса Баки цели 23 години собира ароматични и лековити билки низ целиот Шарпланински масив. Еден од малкутемина кој остана да се занимава со оваа дејност, вели дека билките на Шара кои ги има во изобилство се минимално искористени. Ретко се собираат билки за чаеви, кои имаат и многу лековити својства, па често пати редовните муштерии на Баки чајот го купуваат за лек.
-Со оваа дејност започнав да се занимавам уште како мал. Имаше тогаш еден постар човек од Вејце собираше чај и јас така почнав. Моментално е полоша состојбата со продажбата поради пандемијата, инаку пред тоа беше многу добро, но и народ нема, луѓето си заминаа во странство, посебно младината. Многу малку се искористува Шар Планина, а ги има сите врсти на чаеви. На пример ги има кантарионот, ајдучка трева, смрека, планински чај, може тука има околу 100 врсти на чаеви, раскажува Баки за „Зелена берза“.
Тој, на лето ги собира чаевите за на зима да ги продава.
-Чајот не е само обичен пијалак, тоа е и лек, но народот многу малку го користи како лек. Има тетовчани кои земаат чај од мене за тегоби од болестите како дијабетес и дебело црево. Тука има секакви чаеви, смрека за чистење на бубрезите, глуварче за белите дробови, за притисокот е глог исто и за срце, мајчина душица за смирување, липата добра е за пиење, но кој има висок притисок не треба да ги пие во поголеми количини. Порано немаше литература од човек на човек што се вели добивавме информации кој чај за што е, а сега за се има информации на интернет, кој чај за што помага, вели Баки.
Чајот на Шара го има во атарите на селата Јеловјане, Старо Село и Рогачево. Сите видови на чаеви што биле и пред 20 години се уште се тука на Шара, тие не се губат, освен црвениот кантарион кој полека исчезнува, оти некои што собираат, не знаат како да го берат, па го корнат.
-Чајот го собираме над 800 метри надморска височина. Сите чаеви што биле се уште се тука, можеби црвениот кантарион помалку го има, оти некои кои го берат го корнат од корен, а треба да се сече. Од 100% чајна површина треба околу 80% да се собере, а другите 20% да останат, за да има и за наредната година. Ако се корне тоа се уништува, порачува Баки.
Нашиот билкар вели дека моментално има десетина лица кои се занимаваат со оваа дејност, собираат билки на Шара. Но, порачува дека од собирање на чајот може добро да се заработува. Ситуацијата е отежната бидејќи откупен центар за чаеви нема.
-Чајот петопрст е многу скап и тој да го собереш можеш добро да заработиш, но никој не го бере. Не можеш народот да го мотивираш колку и да му даваш пари, не можеш да го натераш да собира билки. Најпрво се плашат, велат има горе змии, заморно е, и слично. Но, за се има подготовка, кондиција се стекнува, ќе се заштитиш, ќе ставиш ракавици. Сега да бидеме реални, секоја работа си носи опасност и во фабрика да работиш, може да се повредиш од некоја машина. За разлика од чајот на пример, боровинките и костенот го берат, но за овие производи има откуп, а за чајот нема откуп, тој што го бере, мора вака како мене да продава на пазар. Кога би имало откуп мислам дека и за собирање на чај би се зголемил интересот. Порано на пример имаше откуп за чајот кај почетната станица на жичарата. Имаше откуп од ‘Алкалоид’ го земаа чајот, ама тоа беше пред 30 години, тогаш се береше повеќе чајот, со вреќи се откупуваше, раскажува Баки.
Но, и покрај се Муса Баки нема да се откаже од оваа дејност. Во текот на една сезона собира до 10.000 китки чај или 300 килограми и како што вели сиот чај го продава, оти стекнал доверба кај муштериите, со кои соработува со години.
-Апелирам сега во време на безработица луѓето да почнат да се занимаваат со оваа дејност, да се искористат плодовите на природата, оти Шара е дарежлива и за сите може да даде парче леб, дали преку туризмот, собирање на чај, боровинки, билки или костени, сеедно, порачува Баки.
Зоран Димовски за Зелена берза