
Штетите врз расадот за тутун се минимални од пролетниот снег и мраз
Тутунарите уште сега се загрижени за ниската цена на откуп на тутунот
И покрај ниските температури, тутунопроизводителите навреме ги заштитија расадите, па штетите се минимални – информираат од Сојузот на земјоделските здруженија. Според нив, земјоделците се добро едуцирани и подготвени, а освен незначителни оштетувања во повисоките реони како Конче, состојбата е стабилна и нема да влијае врз очекуваното зголемено производство на тутун.
„Интересот за тутунопроизводство е зголемен за 8 до 10 проценти, што се должи на поволните откупни цени и очекуваните субвенции,“ вели Кире Ристески од Сојузот. Според него, веќе се склучени околу 30.000 договори со очекуван принос од 27.000 тони и засадени 14.000 хектари тутун. Со просечна цена од речиси 400 денари и субвенции, цената по килограм достигнува и до 500 денари.
Но, задоволството не е целосно. Од здружението уште од почетокот на ноември па се до минатиот месец реагираа на новите понуди од откупувачите за претстојната реколта. Барањата за 30% повисоки цени не беа прифатени, па тутунарите добија само околу 5% зголемување. Новите цени, според нив, не ги покриваат производствените трошоци.
„Баравме 510 денари за прва класа, 450 за втора и 390 за трета, но ни беа понудени 414–420 за прва, 312–360 за втора и 250–300 денари за трета класа. Тоа е неприфатливо“, коментираа тогаш.
Во таа насока, Сојузот најави и иницијатива за измени во Законот за тутун – враќање на правото на Сојузот да стопира договори доколку цените се неприфатливи, забрана за увоз на тутун додека не заврши домашниот откуп, како и промени во процесот за издавање лиценци на повереници.
„Ќе ги доставиме овие барања до Министерството на следниот закажан состанок. Очекуваме поддршка од институциите за да обезбедиме одржливо тутунопроизводство во Македонија“, истакна пред еден месец Ристески.